21 C
Skopje
Friday, May 14, 2021

ДПА ПОВТОРНО ГО ПРЕДЛАГА САДИ БЕЏЕТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО ЗА ПРЕСТОЈНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

Најчитани вести

Сади Беџети, кој беше градоначалник на Општина Тетово во периодот од 2009 до 2013, повторно е предложен за оваа функција за престојните локални избори кои ќе се одржат наесен. Беџети, кој се себеси вели дека и на изборите во 2009, а и за престојните, настапува како непартиски кандидат кој е предложен од ДПА. На своето прво обраќање пред јавноста денеска во Тетово пред седиштето на ДПА, тој зборуваше за својата кандидатура но, само на албански јазик и дури по инсистирање на новинарите брифираше и на македонски јазик.

„Го гледам градот во овие два мандата и тој е изгубен од градоначалничката. Затоа, сакам да пробам уште еднаш да се кандидирам за да видам дали јас можам да работам подобро од неа. Јас не барам поддршка од политичките партии, јас барам поддршка од граѓаните бидејќи со сите што сум се сретнал, сите ме бараат. Како градски човек, кога шетам по градот, сите ми викаат дека сакаат јас пак да бидам градоначалник. Истото ми го предложи и претседателот на ДПА. Јас не сум политички определен и секогаш сум работел за граѓаните“, вели Беџети.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи вели дека како партија ја поддржуваат кандидатурата на Сади Беџети и ќе побараат поддршка од сите други политички партии освен од ДУИ.

„Планот е да имаме поддршка и од сите политички партии, освен од ДУИ, па да имаме поддршка дури и од Алијансата за Албанците, бидејќи градот нема појак кандидат. Овој кандидат за градоначалник не е кандидат на ДПА бидејќи одиме во насока, еднаш засекогаш градоначалниците пред сè да бидат добри менаџери, а не луѓе со политички и партиски набој“, рече Тачи.

Тачи вели дека сѐ уште не одредиле кој ќе биде носител на советничката листа, но имало предлог во партијата тоа да биде Пајтим Тачи, неговиот син, за кого вели дека има повеќе квалитети од тоа што се кажува само дека е негов син. Тачи се залага за отворени листи при следните локални избори, но е против градоначалникот да се избира само во еден круг.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести