13.8 C
Skopje
Sunday, September 19, 2021

До октомври да има договор за Гоце Делчев

Најчитани вести

Бугарскиот премиер Борисов инсистира до октомври да се реши прашањето за Гоце Делчев, но не кажа дали доколку не се најде решение, Бугарија ќе ја блокира Северна Македонија на патот кон ЕУ.

До октомври им дадоа рок бугарскиот и македонскиот премиер Бојко Борисов и Зоран Заев на заедничките комисии за историски и образовни прашања да постигнат договор за Гоце Делчев по средбата во Скопје со која се одбележа и две годишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство. Борисов на прашањето дали Бугарија ќе го блокира добивањето датум за преговори на Северна Македонија доколку не се постигне согласност за Гоце Делчев рече дека и не сака да мисли дека тоа би можело да се случи. Според него и во прилог на Бугарија е државата да стане членка на НАТО и на ЕУ.

„Комисиите треба да седнат и да разберат дека имаат историска задача и да останат во историјата и до октомври да ги завршат тие теми. Инаку верувајте ми би било навредливо кон народот кој загинал по тие земји, затоа што историски така се менувале границите што зависи од кога и како ги гледаш. Тие можат да станат препрека за новата историја. Јас се однесувам како што ќе ми кажат историчарите, инаку ќе бидам обвинет дека продавам или дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас исто така имам граница која можам да си ја дозволам. И цело време знам дека по секоја цена Комисиите треба да најдат прифатливо решение, зашто тоа ќе биде исклучително добро за иднината, за младите и за перспективите“, Темата не треба да се остави за после октомври, комисиите треба да работат секојдневно, треба да постигнат компромис“, порача Борисов.

На него се надоврза премиерот Заев кој порача дека комисиите треба и ќе постигнат компромис.

„Решивме четири историски личности, коишто заеднички ги чествуваме, исто така верувам дека ќе се најде и решение за историската личност, херојот, Гоце Делчев. Тој е личност, херој кој ги поврзува двата народи, затоа и во двете земји продолжуваме да му даваме почит на големиот Делчев преку јазикот на заемното разбирање. Убеден сум дека делата на Делчев може само да не поврзуваат.

Тој истакна дека искрените чувства на Борисов по прашањето за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, но особено на Северна Македонија досега на дело биле докажани. Според него, немало да биде возможен договорот со Грција, ако не бил постигнат договорот со Бугарија.

„Наш интерес е секако и еден од највисоките приоритети да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Интерес и на Бугарија е Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Бугарија беше меѓу првите земји што го ратификуваше протоколот за НАТО и еве денеска 21 земја го има ратификувано протоколот за НАТО. Јас верувам дека ќе продолжиме да бидеме пример како се решаваат прашањата заради иднината и како навистина две пријателски земји соработуваат“, рече Заев.

Бугарскиот премиер рече дека од она што го следи во македонските медиуми може да забележи дека има сили кои работат против Бугарија. Тој рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му е пријател и се од исто политичко семејство. Борисов запраша кој ја оркестира злобата кон Бугарија?

Тој повтори дека се извинил за употребата на формулацијата северно Македонци и дека згрешил, но не го употреби терминот Македонци.

„Згрешив кога кажав северномакедонци, а не граѓани на Република Северна Македонија. И се извинив, а вие сега пак ме прашувате, пак се извинувам, ама на вас само тоа ви е важно. А пред тоа кажав дека Гоце Делчев е Бугарин кој се борел за слободата на Македонија“, порача тој.

Заев порача и дека по потпишувањето на договорот меѓу двете земји, бизнисите и институциите ја интензивирале соработката и како резултат на тоа во минатата година има раст на трговијата од 12, 8 проценти во споредба со 2017. Бугарските компании, како што наведе, во изминатите години инвестирале 35 милиони евра во земјава, а се работи и на завршување на Kоридорот 8.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com