Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изјави денес дека не постои можност за избивање нова војна во Босна и Херцеговина.
„Оптимално би требало да се почитува уставот. Мирот воопшто не е спорен. Пред два месеци не можеше да отвориш уста, а некој да не спомне војна. Никој не зборува за војна. Командантот на Еуфор кажа дека нема безбедносни предизвици во БиХ“, им кажа Додик на новинарите по средбата на членовите на Претседателството на БиХ со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
Додаде дека нема ништо против зголемениот број на војници на Еуфор во БиХ, па и кога би биле пет илјади, а не пет стотини.
Оцени дека во БиХ не постои волја да се реши политичката криза, а на прашањето што е решение за зовриената политичка ситуација, тој одговори дека „тоа секогаш е ладење“.
„Постојат политики кои сакаат некому нешто да му наметнат, да легализираат некои нешта кои не се во согласност со уставот и таа БиХ не може да функционира и да опстане“, оцени тој.
Зборувајќи за изборната реформа, Додик кажа дека „сите бараат нешто да се направи“, но дека техничките измени на изборниот закон не можат да се усвојат без претставникот на Република Српска.
„Во сите земји каде што се одржуваат избори, изборните учесници разговараат за изборните услови и се договараат за консензусот за тие услови. Нема држава ни во опкружувањето, ни во Европа, во која се одржуваат избори а некој друг да ги наметнува изборните правила и тоа е апсолутно јасно“, истакна тој.
Кажа дека РС е спремна да го поддржи договорот на партиите од Федерацијата БиХ во врска со изборот на двата члена на Претседателството на БиХ од тој ентитет.
Додик кажа дека не се сложува со констатациите дека државните институции не работат, а како аргумент ја наведе денешната седница на Домот на народите на БиХ и одржувањето на седницата на Претседателството.