10.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Додик: Го почитувам Дејтонскиот договор, не и правилата што ги наметнуваат странските сили

Најчитани вести

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, истакна дека настојува да остане доследен на политиката што ја води, да го почитува Дејтонскиот договор, но не да потклекнува пред очекувањата на странските сили, главно на оние од Запад.

„Повеќе ја сакам поддршката на народот отколку на западните бирократи кои ни наметнуваат свои правила. Прифатен сум како еден од ретките политичари кои го поддржаа Дејтонскиот договор и на тоа ја градев својата кариера, вели Додик во интервјуто за францускиот „Монд дипломатик“.

Српскиот член на колективното Претседателство истакнува дека секогаш го брани напишаното во Дејтонскиот договор, а не „духот“ на документот каков што го наметнуваат високите претставници кои, како што рече, уживаат безусловна поддршка од Париз, Лондон и Вашингтон.

Додик потсетува дека БиХ се состои од два ентитета и три конститутивни народи, оценувајќи дека високите претставници прават се за тоа да се укине и да се изгради БиХ без ентитети. „Кога се спротивставувате на таквата централизирана волја, ве претставуваат како нарушувачки фактор“, рече Додик.

Според неговата проценка, проблемот со демократизацијата во БиХ доаѓа од Западот кој, како што оцени, бара лојалност, а не политички партнери.

„Ако сте во согласност со нивните очекувања тогаш сте во ред. Послушната елита во БиХ, која зависи и живее според наредбите што доаѓаат однадвор, не сака да ги преземе своите обврски и затоа БиХ не функционира“, смета Додик.

Според него, БиХ е неповратно поделено општество и ниту една хемија не може да го промени тоа.

„Ние во Република Српска отсекогаш сме ја сметале БиХ како обврска, но сме ја прифатиле. Од друга страна, не можеме да прифатиме БиХ што функционира спротивно Уставот“, рече Додик.

На прашањето како гледа на Република Српска во иднина, Додик рече дека таа може да остане во БиХ на начин како што е замислено во Дејтон и според Уставот, но не и во БиХ како што ја замислува Западот, истакнувајќи дека ниту Србите ниту Хрватите нема да се согласат да живеат во таква заедница.

Додик уште вели дека на среден и долг рок геополитичкиот контекст се менува во корист на Република Српска. Тој оценува дека САД откако ги загубија своите позиции во Авганистан и на други места, се обидуваат да се држат до, како што наведе, „старите навики и се обидуваат да наметнат свои правила што се во нивна полза“.

„Ние сме претставени како блиски до руските и кинеските интереси во регионот, а кога Емануел Макрон потпишува договори со кинескиот претседател Си Џинпинг тие не зборуваат за кинеско влијание, туку кога ќе изградиме мала делница од сто милиони евра овде, тоа се смета за кинеско влијание“, рече тој.

Зборувајќи за соработката со Владимир Путин, Виктор Орбан и Реџеп Таип Ердоган, Додик рече дека на сите им го кажува истото – враќање кон Уставот на БиХ, негова примена и се ќе биде во ред.

„Добро знам дека Ердоган на крајот секогаш ќе биде на страната на муслиманите. Но, разговарав со него затоа што во него гледам човек кој има желба да помогне да се зачува мирот во БиХ. Путин никогаш не ми рече да се отцепам, тој ми порача да го почитувам меѓународното право и Дејтонскиот договор. Унгарија е многу заинтересирана за Балканот“, вели Додик.

Тој истакна дека нема да се откаже од своите убедувања и дека нема да се откаже од својата политика – БиХ во согласност со Уставот и во тој контекст од зајакнувањето на надлежностите на Република Српска.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com