Албумот „30“ на британската пејачка и композиторка Адел Лори Блу Адкинс, позната и само како Адел, освои награда за албум на годината на овогодишното доделување на музичките „Brit Awards“ во Лондон.
Адел победи и во категоријата „изведувач на годината“ и „песна на годината“ за „Easy On Me“.
„Сакам да ја посветам оваа награда на мојот син и Сајмон, неговиот татко“, изјавила пејачката во текот на примањето на наградата за албум на годината, алудирајќи на својот поранешен сопруг, Сајмон Конецки.
Пејачката по доделувањето ја изведе својата песна „I Drink Wine“.
Инаку, ова е прва британска церемонија која ги укина родовите категории, а Адел го искористи својот говор да им се обрати на новите уметници.
„Никогаш не губете го од вид зошто сте она што сте. Причината зошто луѓето ве сакаат е поради тоа што имате нешто во себе“, изјави таа.
Победници и Ед Ширан, Били Ајлиш и Дуа Липа
Меѓу останатите победници е и рок бендот „Wolf Alice“, кој освои награда за најдобра група, а раперката Литл Симз беше прогласена за најдобар нов изведувач. Талентираниот Ед Ширан победи во категоријата којашто дефинитивно е негова – најдобар текстописец.
Американските пејачки Били Ајлиш и Оливија Родриго освоија награди за најдобар меѓународен изведувач и најдобра меѓународна песна за „good 4 u“. Наградата за најдобра меѓународна група ја освои американското дуо „Silk Sonic“, кое го сочинуваат пејачот Бруно Марс и раперот и пејач Андерсон Пак.
Како новитет, оваа година беа воведени и нови жанровски награди – Сем Фендер ја освои наградата за најдобра алтернативна/рок изведба, а Дејв за најдобра хип-хоп/грајм/рап изведба. Наградата за најдобра поп/рнб изведба ја освои Дуа Липа, а Беки Хил ја освои наградата за најдобра танцувачка изведба.