14.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

Добре дојдовте во последниот натпревар за човештвото

Најчитани вести

Крајно свесен дека кога сите се во исчекување дали ќе следува или не оставка на премиерот или, пак, ќе „падне влада“, да пишуваш за вештачка интелигенција (ВИ) може да е самоубиство, поучен од една неодамнешна средба со колегите од „Нова Македонија“, решив да го свртам вниманието преку интро што ќе ве заинтригира. Уште повеќе, како што спомена претседателот Пендаровски во една пригода дека е грешка што сите знаеле за Катица Јанева ама никој не сакал да каже дека може да е проблем, така и јас, сега, да ви кажам да не излее после „па, што не кажа порано“.
И во тој дух, додека смената на политичките елити кај нас значи бинарна промена на курсот по однос на одредени суштински прашања, во кои секогаш, дури и на локално ниво, со смената на бојата оди и смената на политичкиот пристап, се чини дека западните демократии имаат малку поинаков пристап кон проблемите и она што се вика национален интерес. Иако демократите во кампања имаа малку помека реторика кон односите со Кина за разлика од онаа на Трамп, речиси не постои официјален претставник во безбедносниот сектор од администрацијата под капа на демократот Џо Бајден што не предупредува за опасноста што (т.н. кованица од времето на Трамп) „натпреварот на големите сили“ ја носи. Овој натпревар е вредносен (за ова малку подолу). Тој има потенцијал и најверојатно ќе се одрази врз начинот на живот, но и врз вредностите што ги знаеме. Уште повеќе, тој е натпревар што ќе го одреди лидерот на тронот на светско рамниште.

Не, драги мои, тоа не е моја предикција. Тоа, јасно на собир пред нешто повеќе од околу 4 години, го кажа Путин. Според него, тој што ќе победи во оваа компетиција ќе го води светот. Во исто време, по шокот врз корејската гордост во 2016-та, а потоа и врз светскиот кинески шампион во традиционалната кинеска игра, од страна на вештачката интелигенција произведена од Гугл (AlphaGo), кинеските лидери решително го вперија прстот во развој на вештачка интелигенција. Уште повеќе, тоа го претворија во стратегиска амбиција, поставувајќи цел до 2030 година да доминираат во светот на ВИ. Ако пред 4 години ова и не беше толку актуелно, сега е. Сѐ почесто гледаме сериозни предупредувања за опасностите што може да бидат присутни, иако, за волја на вистината, дечките од „сопрете ги роботите убијци“ уште во 2013 година пред ООН побараа владите да ја прекинат трката во производство на автономните воени – борбени системи (а неколку држави, меѓу кои и Израел, Русија, САД, Јужна Кореја и Велика Британија, се спротивставија на ваквата невладина хуманитарна иницијатива).
Сепак, таборите во однос на ова прашање се поделени (и за ова ќе зборуваме поприлично). Она што во дадениот контекст предизвика внимание е оставката на главниот софтверски инженер (научник) во Пентагон во доменот на сајбер-одбраната, Николас Чалин. Пркосот кон, според него, бавниот развој на воената мудрост на САД во споредба со агресивната трансформација што Кина ја прави на полето на вештачката интелигенција и стравот за иднината на неговите деца одекна многу пошироко. Тоа, само по себе, ја наметна дилемата дали навистина Кина предничи во технолошкиот развој. Ова и немаше да биде толку актуелно, ако од пред некој ден овие гласини не беа индиректно потврдени од страна на водечките личности во безбедносниот сектор на САД, кои укажаа на фактот што пред речиси 4 години го истакнаа и научниците, а тоа е дека Кина има извесна предност во оваа сфера. Оние што разбираат технологија и кои знаат што е тоа што ја храни вештачката интелигенција во нејзиниот напредок или усовршување може и ќе насетат зошто е загриженоста кај водечките луѓе во безбедносниот сектор од Запад. Основата на проблемот е што овој натпревар се темели на вредносни основи. Тој е далеку подлабок од чистата економска, само научна компетиција и далеку од бинарната идеолошка борба за време на Студената војна.

Накратко, за да се воспостави добра вештачка интелигенција (било тоа да е апликација или целосен засебен софтвер-алгоритам), потребни се податоци. Податоците најмногу ги произведуваат луѓето. Собирањето на податоците ѝ помага на ВИ да учи за однесувањето и да носи одлуки. Кина со своите 1.4 милијарда жители и над 750 милиони корисници на технологија и култура што е наклонета кон нејзина примена е во значителна предност, барем кога се во прашање бројките. Но во сите калкулации постои нешто многу повеќе од само квантификација на проблемот. Квалитативната анализа во оваа насока се однесува на тоа како ќе ги собирате тие податоци и колку агресивно ќе го правите тоа. И тука е една од основните причини за стравот кај западната безбедносна заедница. За разлика до демократскиот свет, кој има рамки и ограничувања во овој развој, кој, според западните либерални вредности, мора да биде во склад со заштитата на индивидуата друг вид на ограничувања, во Кина тој дел од „дуинг-бизнис“ е малку поинаку поставен. Кина едноставно нема граница за тоа како и колку ќе собира податоци (од препознавање лица до следење навики или мешање во секојдневните комунални активности на граѓаните). Вториот елемент што ја крева загриженоста е малку поапстрактен и субјективен. Фактот дека алгоритамот е рефлексија на оној што го прави (тоа, според Запад, значи на режимот што го произведува) е уште пострашен. Ако, условно кажано, Западот може да произведе демократски алгоритам – или со претпоставка дека инженерите ќе имаат каков таков „сенс“ за демократија и либерализам, тоа не е случај кај Кина.

Дополнителна тешкотија (иако ова за време на Студената војна се покажа како погрешна претпоставка – ќе се навратиме и на ова) за Запад е самиот систем. Додека Кина има економија што се развива под т.н. воени околности централизирано со геополитика водена од државниот врв и со наменски развој што во дадената сфера е во предност, Западот има хоризонтално поставена економија и научна фела. Државата е само еден од играчите во приказната (има исклучоци, да не се лажеме!), а крајните корисници се слободни и заштитени од неутрални органи и тела што се направени да ја балансираат моќта во системот. Натпреварот на пазарот, според Западот, пак, е врз база на „фер, квалитет и побарувачка“. За Кинезите, натпреварот е врз база „сакам сѐ за себе и без пардон ќе крадам од тебе“ (читај нема етика во авторските права, иако Кинезите имаат друга логика, која вели етиката умре кога дојдовте по евтината експлоатација).
И додека тој замаглен круг на тежа и противтежа допрва ќе се разјаснува, последниот елемент што е битен за развојот на ВИ е во способноста на алгоритамот да се втурне во екосистем во кој тој ќе комуницира со преостанати платформи. Оваа комуникација (пак за Западот е со граници и чувство на етика барем по нив), за Кина е без такви ограничувања и е државно водена. Хакирањето во системи без дозвола, за да се анулира предноста на другиот што вложил пари, свест, знаење, енергија и др. е скратеница во трката до целта. Таа техникалија е основната алка во големата слика на компетиција, која е во поодминат тек. Додека многумина се обидуваат да го сместат овој натпревар во бинарен моуд-контекст, таа компетиција е сѐ само не бинарна. Натпреварот е фокусиран на освојување на поплаките, разочарувањата од неостварените очекувања или амбициите за статусот на поединецот, економскиот просперитет, технолошката предност и регионалното влијание, наместо на освојување или свесно, намерно прибегнување кон војна од големи размери.

Затоа, очекувајте дека компетицијата нема да се одвива ексклузивно во воената сфера, туку и во невоените области за постигнување национална предност. Во тој натпревар таргетирањето на други општества што имаат такви средства ќе има потенцијал да создаде низа ескалаторни ризици, кои тешко ќе се пресметаат со класичната матрица за пресметување ризик. Последното е само ехо на она што државниот секретар на САД, Блинкен, го забележа на почетокот од неговата прва официјална средба со кинескиот колега на самитот во Енкориџ, Алјаска, некаде околу средината на март оваа година. Според него, „односите на САД со Кина ќе бидат на конкурентна основа таму каде што треба, на соработувачка каде што може, и противничка каде што мора да биде“. Тоа, драги мои, за да го разбереме, ќе мора да излеземе од матрицата на бинарност и да ја сфатиме пораката на генералот Метис (последниот државен секретар за одбрана што нѐ посети) дека во политиката, во време на геостратегиски натпревар, победата му е загарантирана не на тој што прв ќе ја произведе технологијата туку кој подобро ќе успее да ја втурне и употреби во системот околу нас. За САД, пак, според Мајкл Орландо, вршител на должност шеф на националниот контраразузнавачки и безбедносен центар, губењето во натпреварот околу ВИ, автономните воени системи и оружја, квантното пресметување, полупроводниците и биотехнологијата не е опција.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com