8.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021

ДНК – анализата на остатоците од телата ќе го даде одговорот за точниот број на жртвите во трагедијата, вели Станков

Најчитани вести

Можно е бројот на жртви во трагедијата кај „Струма” да остане ист, но исто така е можно и во автобусот да имало повеќе патници. За сега не се исклучува ни едната, ниту другата можност. Точната и официјална бројка ќе се знае откако ќе бидат завршени идентификациите и ќе се знае точниот идентитет на загинатите. Во изјава за МКД.ми директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика, д-р Александар Станков вели дека обдукциите се завршени и освен телата врз кои се направени обдукции, има и остатоци од тела. За нив со ДНК-анализа ќе треба да се утврди дали се од оние тела врз кои анализите се завршени, или пак се работи за идентитет на друг патник.

„Обдукциите на телата кои беа извадени од опожарениот автобус се веќе завршени. Но, најдени беа и остатоци од тела за кои допрва ќе треба да се направат ДНК – анализи. Анализите кои ги правиме заедно со колегите од Бугарија , ќе треба да ни дадат одговор за тоа дали бројот на жртви официјално ќе биде 44 или повеќе. Додека не се завршат анализите, не можам официјално да потврдам колку жртви има”, вели д-р Станков за МКД.мк.

За сега според бугарските истражители бројката на загинати е 44.

„Во болницата се седум повредени патници, четири мажи и три жени, тела на починати лица има 44. Според списокот на патници, имало вкупно 52 лица. Останува таа енигма дали имало уште еден патник или не, рече портпаролката на бугарското Обвинителство Сијка Милева на денешната прес-конференција.

Македонскиот и бугарскиот Институт за судска медицина соработуваат за да го утврдат идентитетот на жртвите, а откако ќе заврши оваа постапка тогаш посмртните останки ќе може да бидат предадени на семејствата.

Заменик главниот обвинител Борислав Сарафов рече дека ќе се истражува ова прашање, агажирани се многу лица да се истражи хипотезата, дали можеби претходно имало прекачување на патници во други автобуси или возила, дали некој преминал граница, се гледаат снимки од камери, нагласи тој потсетувајќи дека списокот вели дека имало 52 патника во конкретниот автобус.

„Ги видов изгорените тела, глетката беше ужасна и ќе ми остане во секавање цел живот. Посетивме и болницата и разговаравме со повредените. Според лекарите се во добра состојба, но во тешка психичка состојба. За нив се грижат најдобри лекари. Прашавме какви потреби имаат. Сакаа да прашаат и да се јават на своите најблиски”, рече Милева.

Борислав Сарафов, заменик главен обвинител на Бугарија и директор на Националната истражна служба на првата прес-конференција по случената трагедија кај „Струма” изјави дека главниот сомнеж укажува дека најверојатно се работи за човечка грешка кој што ја отежнале и несоодветните обележувања на автопатот.

Сарафов вели дека банкината во која што удрил возачот со автобусот не само што е непотребна на местото, туку е и опасна.

На местото немало аксплозија, туку силниот удар што се слушнал бил од ударот на автобусот во банкината. Откачувањето на банкината и стружењето со автобусот, кое било како шмиргла и од кое имало искрење, најверојатно е причина поради која автобусот се запалил, додава Сарафов.

„Немало експлозија, туку она што го слушнале оние кои биле во близина е ударот, силниот удар на автобусот во банкината од десната страна, за која што кажав дека не и е местото таму. Немало експлозија’, изјави Сарафов.

„Во медиумите се прикажува дека има по 15 до 20 очевидци, а нема очевидци. Ние не сме испрашале ниту еден очевидец, освен оние кои преживеале во несреќата. Ќе замолам да нема шпекулации и да се известува професионално. Сведоци нема ниту еден. Прво се распитани двајца од оние кои патувале во автобусот, кои биле будни и тие даваат точни и објективни сознанија. Распитани се посебно еден од друг и кажуваат исти верзии за настанот. Се испрашуваат уште двајца од преживеаните”, вели Сарафов.

Некои од експертизите се готови, а завршени се и обдукциите врз загинатите..

„Обдукциите се готови и покажуваат дека сите загинале од задушување, а не од повреди во сообраќајка. Биле живи во моментот на пожарот. Ангажирани се најдобрите авто-технички експерти, а назначена е и анализа од пожарна за интензитетот на пожарот. Ќе се прави и експертиза зошто автобусот скршнал од патот и што довело до трагедијата. Има верзии дека имало туби со гориво. Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се 3 туби но биле празни, има остатоци од нафта која ја користи автобусот, а пожарот не настанал од тубите”, изјави Сарафов.

Тој ја отфрли верзијата за можен терористички напад врз автобусот и додаде дека како дел од причините на несреќата се и лошите обележувања на автопатот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com