Во текот на посетата беше реализирана средба со раководството на овој сектор за внатрешни работи, при што стратешката група беше информирана за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Тетово – ОВР Гостивар, која е поволна и на задоволително ниво, како и состојбите со криминалитетот, како и активностите кои се преземаат во рамки на „Безбедно лето 2023“.
Притоа, во текот на првото полугодие од 2023 на целото подрачје на СВР Тетово криминалитетот бележи намалување за 5%, исто како и на делата од класичниот криминал, споредбено со истиот период претходната година, а за одбележување е што севкупната откривачка дејност на полицијата од овој сектор изнесува 78%. Директорот Тасевски беше информиран дека во првите шест месеци од оваа година овој сектор за внатрешни работи може да се пофали и со зголемување на откривачката функција за 48% компаративно со истиот период лани во справувањето со „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, односно зголемување на откривачката функција за 14% годинава се евидентирани и во областа на недозволената трговија со оружје и распрскувачки материи, споредбено со првите шест месеци лани.
За време на посетата на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај е потенцирано дека позитивни трендови се евидентирани и во сообраќајот, особено имајќи предвид дека во изминатите шест месеци од годинава на тетовските простори не се регистрирани човечки жртви, наспроти две во истиот период лани, а намалени се и бројките на лице кои се здобиле со тешки или телесни повреди. Според раководството, ова во прв ред е резултат на бројните превентивни и контролни активности преземени во периодот за кој станува збор, од типот на редовни, акциски и други контроли, кои ефектуираат со конкретни позитивни поместувања, а што претставува обврска повеќе и во наредните месеци да се продолжи со несмалено темпо и интензитет.
Инаку, како што директорот Тасевски беше информиран, заклучно со јуни, СВР Тетово реализираше и 7 превентивно-едукативни проекти, 13 превентивни кампањи и над дваесетина други тековни превентивни активности, чиј иницијатор и носител беше Отсекот за превенција, во соработка со локалните самоуправи од подрачјето и ОБСЕ. Со превентивните активности во најголем број беа опфатени ученици од основните и средните училишта на тетовско-гостиварското подрачје, како и детски градинки, а свое место во нив имаа и советодавните групи на граѓани во урбаните и руралните средини. Во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“ и во текот на јули се продолжи со ваквите активности во кои беа опфатени сопственици на угостителски објекти каде се одржуваат свадби, прослави и семејни веселби, а во врска со неовластено пукање од огнено оружје, употреба на пиротехнички средства или експлозивен и лесно запалив материјал, но и за неовластено точење на алкохол на малолетни лица, како и законската обврска од навремено пријавување во полиција на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, недозволени појави и однесувања и сл., пензионерски здруженија во врска со зајакнување на мерките за самозаштита од имотни деликти, потоа со културните уметнички друштва на кои им беше укажано на доследно почитување на законските прописи и обврската за навремено пријавување на јавни собири или културно-уметнички и забавни манифестации, како во насока на намалување на сообраќајниот метеж во градот.