8 C
Skopje
Monday, March 8, 2021

Дипломатскиот синдикат реагира на огласот за избор на дипломати во ДКП, очекува Димитров да го стопира

Најчитани вести

Македонскиот дипломатски синдикат кој што беше формиран неодамна, денеска изрази загриженост поради објавувањето на 21 интерен оглас за упатување дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП).

Според Синдикатот, конкурсот се распишува во сензибилен период кога веќе е договорен датум за предвремени парламентарни избори со што се отвара простор за политичка злоупотреба на редовниот циклус на ротација во дипломатско-конзуларните претставништва.

„Со оглед на законски предвидената должина на целокупната процедура за упатување дипломати во странство, сосема извесно е дека постапките длабоко ќе навлезат во транзитните 100 дена на таканаречената ‘Пржинска Влада‘, што дополнително ќе го компромитира комплетниот процес на донесување одлуки. Оттаму, оправдани се стравувањата и сомнежите на вработените во МНР дека се можни силни политички влијанија во изборот на кандидатите и партиски ‘клуч‘ при кадровските решенија
во облик на подобни имиња во стратешките центри како Вашингтон и Берлин, амабасадите во Хаг и Атина, како и мисиите при ЕУ, НАТО и ОН“, реагираат од Синдикатот.

Во Синдикатот се зачудени што министерот Никола Димитров се решил на ваков чекор и, верувајќи во неговата принципиелност и пристап со еднакви аршини, тие очекуваат самиот да побара стопирање на огласите, односно нивно замрзнување до завршувањето на изборите, за да се избегнат спорни политички маневри и непотребно фрлање дамка врз изборот на дипломати.

Од Синдикатот додаваат дека будно ќе ги следат тековните процеси во Министерството за надворешни работи, не отстапувајќи од заложбите за професионална дипломатија, правичен третман на сите вработени и систем на мерливи критериуми при креирањето кадровски политики.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести