Oчекувавме од страна на господинот Пендаровски во своето прво обраќање спрема Собранието на Република Македонија да проба да гради мостови. Очигледно господинот Пендаровски не е излезен од чевлите на СДСМ и денес со својот говор наместо да понуди градба на мостови и она што самиот го зборуваше, помирување, тој само успеа да ги продлабочи поделбите во општеството, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Тој, во името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, му порача на Пендаровски дека седум месеци вршење на функцијата претседател на државата се сосема доволни да излезе од својот партиски дрес како долгогодишен претпознатлив лик на СДСМ и како носител на листа на СДСМ на парламентарните избори.
Според Димовски, очигледно Пендаровски покомотно се чувствува кога ги зазема партиските позиции на СДСМ и кога ја врши функцијата портпарол на Владата, и портпарол на СДСМ, иако самиот потенцирал дека во последните неколку години поделбите во нашето општество се продлабочени.
„Слушнавме премногу празни зборови, за жал, не слушнавме што конкретно е направено во овие 7 месеци. Нема конкретни дејства, нема конкретни активности. Чувме многу дијагнози, но не слушнавме лек. Слушнавме многу оправдувања и релативизирања на проблемите со кои се соочуваат граѓаните, но не слушнавме конкретни планови, стратегии туку слушнавме оправдувања за погрешните владини полики, во меѓународните односи, во правосудството, а дури и во заштитата на животната средина“, рече Димовски.
Пратеникот додаде дека Пендаровски не кажал ништо и за неговите, како што рече Димовски, неодмерени изјави во последните неколку месеци во однос на статусот на нашиот национален и државен херој Гоце Делчев, во однос на обвинувањата дека младите се виновни што се иселуваат од државата.
„За жал, морам да потенцирам и дека за оние неколку идеи коишто господинот Пендаровски денеска ги соопшти пред Собранието, нема никакви консултации со опозицијата и пратениците, што дополнително говори дека станува збор за претседател којшто ќе продолжи, за жал, да ја извршува својата функција во насока на исполнување на очекувања од партијата к што го предложи и избра за претседател на Република Македонија“, рече Димовски.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ се разочарани од Пендаровски, а со нивното присуство на седницата на која се обрати претседателот покажале позитивен пример.