Професорот Злате Димовски, од Факултетот за безбедност во неделното интервју за Радио слободна Европа одговара колкју е реална заканата од повратниците, поранешни борци на Исламска држава(ИСИЛ) во од Сирија и Ирак, што и американскиот Стејт департмент го нотира како главен безбедносен проблем.
„Дека има закани од таа сфера, да, ќе има, претпоставувам дека ќе има, затоа што никогаш не можеме да направиме една проценка за тоа колку ние би можеле, согласно овие капацитети, да тврдиме дека кај нас нема некакви замрзнати ќелии, поврзани со ИСИЛ, или со некоја друга терористичка организација, затоа што факт е дека сите радикализирани лица се вратија од тие простори“, вели Димовски.
„Е, сега, она што ние го направивме, да го ускладиме нашето законодавство со одредени меѓународни декларации и конвенции. И тоа го направивме. Ние прифативме репатријација на тие лица, каде и да бидат откриени, ние ги враќаме кај нас.
Има еден чекор, што го презедоа одредени држави, го ставија во нивните закони, го применуваат – Ако нивен државјанин биде идентификуван од одредени структури, како разузнавачки или полициски служби, и за него има соодветни докази дека учествувал во која било од терористичките организации, тие по административен пат му го одземаат државјанството и го избегнуваат тој момент на репатријација.
Репатријацијата значи, оној што е македонски државјанин, тој се враќа во Македонија. Штом се врати во нашата држава, ќе ни го пратат на одреден начин, ние прво што правиме, а тоа е согласно законот, веднаш истиот се носи пред јавен обвинител, се составува соодветна кривична пријава. Поучени од соодветни правни експерти дека со тоа ќе успеат да издејствуваат поповолна позиција, тие прифаќаат спогодба и јавниот обвинител има право тоа да го прифати, и одредува поблага казна за нив и ги сместуваме во казнено-поправните установи.
Не само ние, туку и многу земји, немаме еден унифициран начин како да ги дерадикализираме, да ги ресоцијализираме. Немањето на таков метод доведува до тоа и ние, и другите државите тоа да го прават шаренолико“, објаснува професор Димовски.