6 C
Skopje
Sunday, May 9, 2021

Димитров: Јас не сум одговорен ако некоја земја одлучи да не го почитува договореното

Најчитани вести

Ако на првите две интерпелации им пристапив со должна сериозност, на оваа третава не можам, а да не ѝ пријдам со индигнација. Токму затоа и не одговорив написмено. За што сум обвинет? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали дами и господа можеби тоа го сакавте? За да можете да ја пласирате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа ако го барате од мене, тогаш веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам.

Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќањето пред пратениците по повод неговата интерпелација поднесена од опозицијата осврнувајќи се на втората причина наведена во како што го нарече, небулозно писмо е врв на апсурдот.

-Среќа не се сетивте да ѝ поднесете и на ЕК интерпелација за тоа како се дрзнале на оваа Влада да ѝ дадат безусловна препорака или пак на Европскиот совет за зеленото светло без услови за почеток на преговорите. Бидејќи за нивните зборови и за нивните одлуки се работи. Или пак мене ме обвинувате што соседна Бугарија го прекрши членот 2 од договорот, што беше не докрај коректно цитиран, каде се обврза да ни помага во евроинтеграциите? Блокирањето не е помагање. Или ме обвинувате за самиот Договор? Па од кај нив слушаме гласови дека тој треба да се измени, праша Димитров.

Осврнувајќи се на фактите, Димитров рече дека Договорот за пријателство со Софија европските лидери и САД во еден глас го оценија како инспирација за целиот регион и голем чекор кон ЕУ за нашата Македонија, Северна Македонија.

-Во март 2020, Европскиот совет ни даде безусловно зелено светло за почеток на пристапни преговори. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен притоа кажа дека ЕУ ги исполнува своите ветувања, за во септември во нејзиното годишно обраќање до ЕП да додаде: одлуката беше историски чекор. Во ноември по клучниот Совет за општи работи со кој претседаваше, германскиот министер за Европа Михаел Рот изрази огромна разочараност од бугарската блокада, дека тоа е горчлив удар за европските политики кон Балканот и дека сите земји членки освен Бугарија ја поддржале Преговарачката рамка за Северна Македонија. И сега, кој кого манипулира? Јас, кој доследно ги презентирам наодите од ЕУ, секогаш до детали прецизен и за квалификациите и за одлуките и заклучоците, оценките на извештаите, акцентирајќи ги и областите каде треба да правиме напредок, или вие со очигледно елементарно непознавање на процесите, но со неизмерна желба за лоши вести за земјава и—еве уште едно признание за вас—со беспрекорна умешност да бидете први во лажното известување на јавноста за некаков си имагинативен пораз, за кој ги каните на заедничка прослава. Ние ги земаме жешките костени в раце, вие се радувате на секоја можна изгореница, рече Димитров

Тој укажа дека во договорите јасно стои дека потписниците се обврзуваат да помогнат, а не да го блокираат нашиот пат кон ЕУ и НАТО.

-Моја работа е да ги преговарам и направам договорите да бидат во најдобар можен интерес на нашата држава. Јас не сум одговорен ако некоја држава одлучи да не го почитува договореното. Второ, НАТО и ЕУ се стратешка определба на над 80% од граѓаните, како тоа работејќи на тие цели и остварувајќи ја едната – членство во НАТО, јас ги изневерувам или носам во заблуда? Не, господа, не сум јас во заблуда, ниту повеќе од 80% од граѓаните се во заблуда, ниту целиот свет е во заблуда, кога ја посочува нашата надворешна политика како светол пример за тоа како треба да се решаваат отворени прашања. Во заблуда сте вие, изолирани, сами, во мрачното самозалажување дека сопките на овој пат и саботажите на овие суштински процеси, некако ќе донесат политички поен плус, вели Димитров.

Според него, ако опозицијата навистина сакала да го адресира несреќниот развој на настаните кој настана од, вели, неевропското однесување на соседот, не требаше да прави токму од клучното прашање дневно-политички перформанс, туку да се издигне и заеднички да настапуваме во она што би сакал да верувам дека ни е заедничка цел – остварување и на втората стратешка цел – отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, заеднички поддржувајќи ги принципиелните позиции на земјата, за кои треба да се има доблест.

-Наспроти тоа, вие продолживте да барате излез од вашиот внатрепартиски хаос преку рушење на оваа Влада и тоа за позиции или одлуки на други држави или меѓународни организации. Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската влада, но ако случајно има добра вест од надвор заслужни сте биле вие. Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во Белата Палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел. Ако не ја сфатите сериозноста во која се доведувате и вие како личности, партијата, но и земјата, ќе останете само она што и бевте – лажни патриоти кои за да дојдат на власт, би застапувале и антимакедонски ставови, кои впрочем можеби и ги имате, истакна Димитров.

Според него, опозицијата троши подеднаква енергија за да ја одржи пизмата кон него, како оние во другите земји во соседството во определени фази, за кои и таму бев непријател број 1.

-Ги имаше такви и во Грција, гледаме ги има и во Бугарија. За некои од нив сум, цитирам „поопасен од корона-вирусот„ во контекст на нивните позиции, човек кој низ Европа ги ослабува бугарските позиции (јакнејќи ги македонските), човек кој веднаш го одби понудениот анекс“. И сега кажете ми, како тоа јас ги предадов македонските државни интереси, а Бугарија вели не попуштам и сум еден од главните проблеми за она што тие сакаат да го постигнат? Барате од мене одговорност за меѓувладина конференција со ЕУ, за која јавно кажав дека не треба да се одржи доколку услов е македонскиот јазик. Многу е тешко и самите да се разберете веројатно, но додека не си ја утврдите вашата позиција – дали сум јас во право или овие гласови кај соседите, најубаво би било до тогаш на прес-конференциите да се бавите со теми за кои имате базично познавање: штелување на анкети, обиди за анимирање на јавноста со картони или упади на прес конференции и слични активности од ваш делокруг, рече Димитров.

Во однос на поканите за учество на седница на КНП, рече лага е дека бил уредно поканет, дека бил должен да присуствувам и лага е дека одбил да присуствува. Никогаш не бегам од дебата, додаде тој, иако, вели, дебатата дали македонскиот идентитет е зачуван е бесмислена, е и секогаш ќе биде.

Посочи дека поканата за учество на комисијата, во двата наврата, пристигна попладне, за присуство утредента сабајле, без заемен договор, со најава од помалку од 16 часа пред почетокот на седницата во рок во кој не може да се подготват анализи, ниту материјали за седницата а не бил прифатен ниту неговиот предлог за дигитален формат во услови на пандемија. Очигледно е, вели, дека намерата не била да се одржи суштествена дебата, туку да се купат неколку минути и редови евтина медиумска кампања.

-Не е моја вина, што претседателот на комисијата, кој очигледно не е способен да достави навремена покана, ниту пак е способен да обезбеди елементарни услови за дигитална работа во услови на пандемија, макар и неформална со оглед на Деловникот, кога цел свет така функционира, е несреќен што во тие клучни моменти, одлучив наместо да бидам маскота за нечиј политички маркетинг, да се посветам на заштита на националните интереси меѓу другото токму околу македонскиот идентитет. За жал немам време, а уште помалку желба, да учествувам во театар на картони, за што признавам, му нема рамен – во способноста да прави циркус од државните интереси, особено во Собранието. За таков театар, не сум му потребен јас. Тоа одлично го тера и без мене.

Во однос на наводната пасивност на СЕП, Димитров посочи дека СЕП не е министерство, па со тоа нема свое автохтоно портфолио на проекти, туку координира проекти во други институции, согласно член 40-б, став 2 од Законот за Владата: координира подготовкиза членство во ЕУ, процес на подготовка на македонската верзија на правото на ЕУ и ја координира странската помош.

-Координација, координација, координација. Што ви говори фактот што земјата, во последниот Извештај за политичките критериуми е оценета најдобро од сите земји, не само кандидати, туку и од оние кои преговараат, со оценки од 3.35 за вкупен напредок, и 2.83 за вкупна подготвеност, најдобро од сите земји во тој извештај? Дали е тоа знак на пасивност, или објективен успех? Дали е потребно да се потсетиме на тоа како изгледаа извештаите во едно друго време? Како, со наводната „пасивност“, изјавите за „заробена држава“ се претворија во изјави за „светол пример“? Само ќе ве упатам на наративите од извештаите на ЕК до 2016 година, и потоа. Тие разлики не се нијанси, или „пасивен“ минимален напредок. Неспоредливо е!, истакна Димитров

Меѓу активностите на СЕП нагласи дека Северна Македонија прв пат после две децении обиди има позитивна политичка одлука и нацрт-преговарачка рамка. Подготвивме реформска агенда, која е план за европеизација и согласно рамката од Акција 21 каде за секој приоритет се идентификувани активности, надлежни институции и динамика на реализација. Во полето на прилагодување на правото на ЕУ, кој е нашиот втор столб, подготвивме детална анализа на наодите и препораките од Извештајот, изготвена е ажурирана Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, која веќе овој месец, прв пат од 2017 година, и формално ќе биде усвоена од страна на Владата.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести