36.8 C
Skopje
Tuesday, August 3, 2021

Димитров: Со Агенда „Европа дома“, паралелно со битката за почеток на преговори

Најчитани вести

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска на заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, ја промовираше Агендата „Европа дома“, за која, како што рече, е клучен документ што ќе биде водич низ реформите оваа година, којшто, имајќи ја предвид новата методологија на преговори, се фокусира на кластерот Темели, што ја диктира и динамиката на самите преговори.

Како што истакна Димитров, документот тоа ќе биде патоказ што ќе треба да го следат сите надлежни институции спроведувајќи реформски чекори што Секретаријатот за европски прашања ќе ги мониторира, турка и за чијашто динамика на исполнување или застој редовно ќе информира.

-СЕП ги мапираше препораките на Европската комисија, Советот на Европа, Венецијанската Комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од група високи експерти и од други извештаи и од сите овие наоди, заедно со обврските што ги имаме преземено од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, изготвивме обемен план со приоритетни цели во најважните реформски области, конкретни активности и рокови за нивно исполнување, рече Димитров.

Посочи оти заедно со надлежните министерства создале план за поместување на нештата, заедно со притисок за исполнување на дадените рокови. При создавање на планот, додаде, имале консултации и со Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и со граѓанскиот сектор.

Подвлече дека целта на овој документ не е да ги замени веќе постоечките стратегии, акциски документи и самата Програма за работа на Владата, туку напротив, тој е целосно комплементарен и ги отсликува реформските заложби.

-Она што е важно во креирањето на секоја стратегија се механизмите за контрола на спроведувањето. Документот што го имаме дава јасна слика не само на сите задачи што се поставени во нашиот реформски план и што имаме обврска да ги исполниме, туку и точно делегира надлежности и одговорност, рече Димитров.

Тој информира дека реформите во кластерот Темели се наш прв приоритет – изборните реформи, правосудството, борбата против криминалот и корупцијата, основните човекови права, реформите во медиумската сфера, економското владеење и реформата на јавната администрација. Дополнително, посочи, документот вклучува и приоритети во областа животна средина и климатски промени, бидејќи политиките во оваа област се едни од најважните за квалитетот на животот на сите граѓани.

-Се се ова полиња во коишто си имаме работа. Токму затоа неопходен беше еден ваков сеопфатен план со јасни задачи и рокови за сите вклучени. Без разлика на одложувањето на процесот, ние нема да креваме раце и паралелно со битката за формален почеток на пристапните преговори, ќе си ја туркаме и домашната агенда на промени. Меѓу другото, тоа мене, како вицепремиер за европски прашања ми е и еден од главните мотиви и предизвици – напредокот за којшто зборува ЕУ во извештаите, да го симнеме од лавиринтите на хартиите и администрацијата на ниво на коешто ќе го почувствуваат самите граѓани, преку коренити промени во функционирањето на самиот државен систем, подвлече Димитров.

Рече и дека СЕП и Владата се подготвени да ги разбијат митовите дека стратегии и планови се прават само тогаш кога се сака да се избега од вистинска работа и оти целта е да се обезбеди фокус и отчетност во реформските чекори, со цел конкретни резултати.

Димитров ги презентираше клучните чекори во областите што ги спомена и што ќе бидат главен фокус, во однос на правосудството во насока на создавање клима и услови за унапредување на владеењето на правото, преку целосно спроведување на веќе донесената законска рамка и со јакнење на човечките и техничките капацитети на судовите, јавните обвинителства, истражните центри, како и во Академијата за судии и јавни обвинители.

Борбата против корупција, посочи Димитров, е важна повеќе од било кога и сите институции од судската, законодавната и извршната власт мора да дадат свој придонес во искоренувањето на овој проблем.

-Токму затоа, целта на мерките во оваа област е да се овозможи систем за евиденција на предмети од висок профил на корупција, подобрување на соработката меѓу ДКСК и Владата, а под координација на колегата вицепремиерот Николовски да се овозможи целосно спроведување на препораките на Комисијата од страна на надлежните институции. Дополнително, се предвидува зајакнато спроведување и активно следење на мерките за зачувување на статусот на Охрид како град на УНЕСКО, додаде тој.

Во однос на медиумските реформи, како што рече вицепремиерот, нивна цел е да ги овозможат сите услови за јакнење на професионалноста и независноста на јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, а процесот на целосно усогласување на домашно со европското законодавство ќе придонесе кон модернизација на медиумскиот сектор, како и континуирана заштита на новинарите.

За Димитров, реформата на јавна администрација останува една од клучните заложби на Владата и во овој дел ќе се продолжи посветено со процесот на реорганизација и оптимизација на државните институции и фокус на начелата на транспарентност, системот на професионални заслуги и обезбедување на соодветна и правична застапеност на етничките заедници.

-Силно ќе заложиме за унапредување на законодавниот процес, проценка на влијание на регулативата и консултациите со јавноста. Ќе продолжиме со дигитализација на процесите оти само така може да создадеме побрзи, поедноставни и поефикасни услуги за сите граѓани и бизниси, рече Димитров.

Рече и дека иако сме во финална фаза на подготовка на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија за периодот 2021-2025, Агендата Европа дома издвојува и мерки кои се дел од поглавјето животната средина и климатските промени.

-Реформскиот процес, процесот на европеизација, е долг. Всушност, тој никогаш не запира, бидејќи секогаш ќе се стремиме кон подобро, прифаќајќи ги напредокот и развојот на европското законодавство, на вредностите, на технологијата. Затоа, никогаш нема да се откажеме од нашиот пат, од европеизацијата, од владеењето на правото и бескомпромисната борба против корупција, од почитување и заштита на демократските принципи и основни човекови права, од силна економија, од слободни медиуми. За да успееме на овој пат, мора да сме добро организирани, и координирани и да се осигуриме дека одговорноста ја чувствуваме сите, исто како што сите учесници во една штафета се подеднакво одговорни палката да стаса до целта, истакна Димитров.

Посочи дека СЕП, како главен мотор на процесот на европеизација ќе пристапи кон ревизија на механизмот за управување и координација на пристапните преговори, заради негово усогласување со Новата методологија за преговори на ЕУ.

-Ова значи дека ќе ги ревидираме структурите за преговори, грижејќи се за соодветна координација и инклузивност на процесот, за сите општествени чинители и фактори да си го најдат своето место, за да бидеме спремни во моментот кога стартот ќе биде најавен. И за СЕП има домашни задачи во Европа дома, заклучи вицепремиерот за европски прашања Димитров.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести