Холивудскиот актер Леонардо Дикаприо за малку двапати ќе загинел на пат за Русија, каде што отиде да се сретне со претседателот Владимир Путин за да разговара за заштитата на загрозените тигри.
Но, патувањето се претворило во искуство блиску до смрт кога неговиот авион морал принудно да слета веднаш по полетувањето од Њујорк.
И неговото второ летање со авион за малку ќе завршело трагично, а Дикаприо за сѐ проговорил во 2016 година во интервјуто со Елен Деџенерис.
– Погледнав низ прозорецот и видов дека еден од моторите експлодирал. Се претвори во огнена топка. Јас бев единствениот што го виде тоа и мислев дека веќе сум умрел и заминал во рајот бидејќи никој ништо не зборуваше. Почнав да врескам и да прашувам што се случило, а потоа стјуардесата ми кажа дека имаме проблем – рекол познатиот актер.
Дикаприо на крајот сепак среќно стасал на својата дестинација, а подоцна им објаснил на медиумите дека, иако го сметал Путин за многу интересна личност, тој со него разговарал само за заштитата на животните, а не и за политиката. Сепак, актерот напоменал дека со задоволство би го глумел Путин доколку некогаш се сними филм за него.
Пред два дена светот го обиколи веста дека Дикаприо донирал дури 10 милиони долари за помош на Украина.