Холивудскиот актер Леонардо Дикаприо донираше 10 милиони долари како поддршка за Украина, земја со која лично е длабоко поврзан, бидејќи неговата баба по мајка, Хелен Инденбиркен, е родена во Одеса како Јелена Степановна Смирнова.
Во 1917 година Јелена заедно со родителите емигрирала во Германија, каде е родена мајката на Дикаприо. Актерот бил многу близок со својата баба, која од самиот почеток на кариерата му е огромна поддршка. Позната како Хелене Инденбиркен, починала во 2008 година на 93 години, а скоро до крајот на животот се појавувала со внукот и ќерката на филмските премиери.
Информацијата дека актерот дал 10 милиони долари како поддршка на Украина не ја објави лично тој, туку меѓународна Вишеградска организација, проект на Вишеградска група, чија цел е да финансира поддршки од меѓународни иницијативи.
Актерот и продуцент, номиниран за Оскар шест пати, а со престижната награда се закити за улогата во филмот „Повратник“, веќе со години работи и како еколог. Неодамна е вклучен во иницијативата на борба посветена против климатските катастрофи.
Во 1998 година, на 25-годишна возраст, тој со своето семејство ја основа фондацијата Леонардо Дикаприо, која го поддржува „одржливиот развој низ целиот свет“.
Бројни актери и режисери се вклучија во солидарност со украинскиот народ, а многумина собираат пари за конкретна помош на народот.