33.8 C
Skopje
Wednesday, June 23, 2021

Дивоградби во темелот на правната држава

Најчитани вести

Би се заложил пред секоја недоизградена дивоградба да се стави по една камера, па во директен пренос да го следиме „градењето на правната држава“

Од: Срѓан Ивановиќ

Не знам дали некој во Македонија сè уште се сеќава на настаните кои се случија на почетокот од септември минатата година, кога буквално на секое „ќоше“ беше пренесувана акцијата на уривање на дивоградбата крај трговскиот центар „Мавровка“.

На Фејсбук, на Твитер, на Јутјуб, по портали и блогови, на телефони и компјутери гледавме како тешката механизација го урива непрописно изградениот објект во центарот на Скопје. Пресреќните корисници на интернет беа воодушувени од преносот и како да добија некое вонземско чувство на инспирација, па по социјалните мрежи изрецитираа едно чудо бравури за функционирањето на правната држава, за тоа дека никој не е над законот и дека зборот е збор. Но, само неколку месеци подоцна, истиот газда повторно започна да го гради објектот на исто место, откако во општина Чаир констатирале дека истиот проект повеќе не е дивоградба. Како? Зошто? Јас навистина не знам.

Во меѓувреме, урнатата дивоградба како „феникс“ се издигна од купиштата смет и шут и се претвори во убав, репрезентативен објект, со што е завршена уште една успешна приказна од едицијата – правна држава.

Но, дивоградбата крај „Мавровка“ како само да „повлече нога“, па македонските законодавци охрабрено ја „пуштија на најјако“ правната дражава, носејќи закон со кој се легализира секој бесправно изграден објект на територијата на републикава. Тоа значи дека веќе не треба да го мислам комшијата, кој ја пушти терасата до тротоарот од улицата, нуту, пак, да се плашам за џамијата на Попова Шапка, бидејќи законот ќе овозможи дивоградби да никнуваат и во национални паркови и шуми, со што ќе се спасат уште 90 до вчера бесправно изградени објекти во близина на скијачкиот центар.

Ќе се спасат и градителите на 866 дивоградби, кои инспекторите ги фатиле на дело во текот на 2019 година, а чии постапки се сè уште активни пред судовите. Промената на законот предвидува и забрана за кривично гонење на сторителите, кои со стапувањето на сила на новите законски мерки наеднаш се примерни и почитувани граѓани.

Феноменална е идејата на парламентарците со која се поништува криминалот. Кога законот нешто не забранува, тогаш никој не може да го крши. Нема закон за дивоградби, во истиот момент и нема повеќе дивоградби. Можеби нешто слично треба да се смисли и со нелегалната трговија на наркотици. Што знам, еве лаички предлагам да биде прогласена за легална.

Да не избегаме од темата, јас само дополнително би се заложил пред секоја недоизградена дивоградба да се стави по една камера, па во директен пренос да го следиме „градењето на правната држава“. Френетично ќе коментираат воодушевените поборници за ред и поредок во земјава, за тоа како „се гради по пропис“, како „правдата е задоволена“ и дека „зборот, навистина бил збор“. Прекрасно!

Може да ставиме камери и по долж Охридското Езеро, чекајќи законските измени да почнат да важат и за крајбрежјето на ова езеро, претпоставувам со некоја дополнителна пресуда од Уставниот суд, со која, да речеме, се забранува дискриминација на дивоградби, па во живо да гледаме како во рекорден рок се менува крајоликот.

Можеби од УНЕСКО ќе се жалат на оваа наша инвенција, но и ним би им препорачал да си ги сменат правилата, за да си бидат раат.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести