7.8 C
Skopje
Friday, October 22, 2021

ДЗС: Застапеноста на етничките заедници се пресметува само за жителите, а не и за дијаспората

Најчитани вести

Влегува или не бројот на дијаспората во пресметките за процентуалната застапеност на етничките заедници во Македонија по завршувањето на пописот? Откако почна пописот на ова прашање слушаме различни одговори, определени главно од етничката застапеност на политичарите. Вчера од Државниот завод за статистика на ова прашање ни одговорија дека „сите пресметки за процентуалната застапеност на етничките заедници во државата се прават врз основа на вкупното резидентно население”, а во таа бројка не влегуваа попишаното нерезидентно население, дијаспората.

Од партиите на Албанците во Македонија велат дека тоа е јасно и дијаспората е дел од вкупното население во Македонија. Во неколку свои настапи Зијадин Села, претседателот на Алијансата за Албанците, изјави дека законот е јасен и дека дијаспората е дел од вкупното население во земјата. Според него, погрешните толкувања дали дијаспората се вклучува во вкупното население или не, биле очекувани. И за ДУИ нема никакви дилеми за тоа дека и дијаспората е дел од бројката вкупно население на Македонија. Колку е битна таа бројка на дијаспората за политичарите Албанци од Македонија покажуваат и бројките од самопопишувањето на македонската дијаспора. Најголем дел од попишаните повеќе од 190 илјади лица од дијаспората се од Швајцарија, Германија, Италија, Австрија… каде што е албанската дијаспора. Во долниот дел на оваа табела се Австралија, Канада, САД… каде што се Македонците од дијаспората, кои се едногласни во оценката дека преименувањето на државата е главната причина за нивната недоверба кон оваа влада и неучеството на пописот.

Во овој контекст интересна е изјавата на Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика, дадена неодамна за радио Канал 77, кој не сакаше да даде одговор на прашањето како ќе се пресметуваат уставно загарантираните 20% за остварување на правата на етничките заедници, дали 20% од вкупно попишаното население заедно со дијаспората или само резидентите, жителите присутни во Македонија. Тоа е политичка работа, одговори Симовски тогаш.

Вчера од неговата институција, Државниот завод за статистика, ни одговорија дека „сите пресметки за процентуалната застапеност на етничките заедници во државата се прават врз основа на вкупното резидентно население“, а во согласност со Методологијата за спроведување на Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, по обработката на податоците ќе бидат објавени податоци за вкупно попишано население (резидентно и нерезидентно) и вкупно резидентно население.

Во резидентно население спаѓаат „лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија; лицата-странци што престојуваат во Република Северна Македонија подолго од 12 месеци (една година), со одобрение за постојан или за привремен престој; лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на Пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства што престојуваат со нив; лицата што имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а кои во времето на Пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на домаќинствата што привремено престојуваат во странство со наведените лица (независно од должината на престојот во странство по некој од наведените основи).

Освен овие лица, во вкупно резидентно население спаѓаат и следните лица ако се континуирано присутни во земјата повеќе од 12 месеци: странците со признаен статус на бегалец што ќе се најдат во Република Северна Македонија во времето на Пописот; странците со признато право на азил поради супсидијарна заштита, кои во времето на Пописот се нашле во Република Северна Македонија; странците со поднесено барање за признавање право на азил што се нашле во Република Северна Македонија во времето на Пописот; други лица што ќе се најдат на територијата на Република Северна Македонија во време на Пописот (а кои ги исполнуваат претходно дефинираните критериуми)“, велат од Државниот завод за статистика.

Според таа методологија во вкупно нерезидентно население се „лицата државјани на Република Северна Македонија што во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства што престојуваат со нив; лицата-странци што престојуваат во Република Северна Македонија до 12 месеци (помалку од една година), со одобрение за привремен престој“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com