14.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

Децата се враќаат на училиште по ставањето на штрајкот на СОНК во мирување

Најчитани вести

Од денес, учениците треба да се вратат на настава, но дел од членството на СОНК, незадоволно од најновата одлука на синдикатот, вчера протестираше барајќи одговорност од првиот човек на синдикатот Јаким Неделков. Велат дека оние деца што ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го стави штрајкот во мирување откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.

– Сите оние кои ќе дојдат во училиште, ќе бидат прифатени. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава – изјавија дел од наставниците кои вчера се собраа пред седиштето на СОНК.

Порачаа дека не им се важни процентите за зголемување на платите, туку колективните договори. Се чувствуваат изиграни од претседателот на синдикатот.

– Се ретерира без знаење на членството и се носи одлука за која членството не е информирано. Тука сме да изразиме револт. Ние сме базата, ние сме членството и должен е Неделков да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката – изјавија незадоволните членови на синдикатот.

Одлуката дека штрајкот се става во мирување ја објави претседателот на СОНК Јаким Неделков, кој изјави дека е направена консултација со правни лица и дека мора да се постапи согласно законот. Најави дека доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соодветни решенија, штрајкот повторно ќе биде активиран. Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена. Медијатор во спорот ќе биде Драгица Исаиловска-Митровска. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска верува дека Исаиловска-Митровска со нејзиното долгогодишно искуство ќе придонесе да се најде решение.

Од СОНК се надеваат дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори за основно и средно образование и за детска заштита ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

Министерството за образование и наука ја поздрави одлуката на СОНК, која, како што оцени, е во интерес на учениците и континуитетот на процесот на образование.

Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за усогласување на платите со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК. На последната седница на Советот на СОНК и по изјаснувањето на членството, беше донесена одлука градинките повторно од средата да почнат со работа, а училиштата останаа и понатаму да штрајкуваат.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com