24.8 C
Skopje
Saturday, June 12, 2021

Дендиас: Грција e силен поддржувач на европерспективата на Македонија

Најчитани вести

Силна поддршка за европската перспектива на Македонија, изрази грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас во ексклузивна изјава за МИА во пресрет на неговата утрешна прва посета на Скопје.

Тој открива дека Грција работи на преземање конкретни иницијативи, со цел ЕУ да даде зелено светло за нашата земја. Шефот на грчката дипломатија ја изразува и силната поддршка на Грција за европската перспектива, не само на Македонија, така и на целиот Западен Балкан, политика која, како што вели, преку Солунската агенда, Атина ја вовела во приоритетите на Европската унија.

– Нашата поддршка за почеток на пристапни преговори на Македонија со Унијата е дадена. Работиме на тоа и преземаме конкретни иницијативи, во консултација со сите наши партнери во ЕУ, со цел што е можно поскоро, во таа насока, да се донесе позитивна одлука во Унијата. Секако, она што се подразбира е дека од страна на Република Македонија, не треба да се намали интензитетот на напорите за усогласување со европските стандарди. Исто како што се подразбира и дека од страна на Грција, ќе има силен поддржувач во овој нејзин обид, порачува Дендиас.

За утрешната посета на Скопје тој вели дека доаѓа во „земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО“ и во земја која очекува „да биде и партнер на Грција во Европската унија во не толку далечната иднина“.

– Се надевам на конструктивни средби за време на мојата посета, што ќе донесат резултати во корист на двете соседни држави, резултати видливи и за нашите граѓани. Со мојот колега, министерот за надворешни работи, со господинот Димитров веќе се сретнавме неколку пати во изминатиот период и имаме искрен однос, однос на заемно почитување, на природност и искреност и на меѓусебно разбирање. Нашите билатерални односи се исклучиво важни и за двете наши земји. Работиме за нивно суштинско зајакнување и продлабочување во поширокиот спектар на области, вели Дендиас за МИА.

Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија порачува дека тој е обврзувачки и за двете земји и додава дека неговото целосно спроведување значи и дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на двата народи.

– Неговото почитување е предуслов за непречен европски тек на Македонија и затоа треба целосно и доследно да се спроведе. Целосното спроведување значи напуштање на провокациите од минатото, значи консолидација на добрососедските односи и заемно почитување. Значи дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на нашите народи, истакнува Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија, заедно со заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија и екстровертност, Костас Франкојанис, утре ќе бидат во еднодневна посета на Скопје.

Во продолжение, целата изјава на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Денедиас за дописничката на МИА од Атина, во пресрет на неговата утрешна посета на Скопје:

„Утре ќе ја остварам мојата прва посета во Република Македонија. Земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО. Земја која очекуваме да биде и наш партнер во Европската унија во не толку далечната иднина.

Се надевам на конструктивни средби за време на мојата посета, што ќе донесат резултати во корист на двете соседни држави, резултати видливи и за нашите граѓани.

Со мојот колега, министерот за надворешни работи, со господинот Димитров веќе се сретнавме неколку пати во изминатиот период и имаме искрен однос, однос на заемно почитување, на природност и искреност и на меѓусебно разбирање.

Нашите билатерални односи се исклучиво важни и за двете наши земји. Работиме за нивно суштинско зајакнување и продлабочување во поширокиот спектар на области.

Договорот од Преспа е договор обврзувачки и за двете земји. Неговото почитување е предуслов за непречен европски тек на Македонија. Затоа треба целосно и доследно да се спроведе.

Целосното спроведување значи напуштање на провокациите од минатото, значи консолидација на добрососедските односи и заемно почитување. Значи дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на нашите народи.

Исто така, сакам да ја повторам цврстата поддршка на Грција за европската перспектива на Западен Балкан, политика која Грција ја воведе во приоритетите на Европската унија со Агендата од Солун. Нашата поддршка за почеток на пристапни преговори на Македонија со унијата е дадена. Работиме на тоа и преземаме конкретни иницијативи, во консултација со сите наши партнери во ЕУ за што е можно поскоро, во таа насока, да се донесе позитивна одлука во унијата.

Секако, она што се подразбира е дека од страна на Република Македонија, не треба да се намали интензитетот на напорите за усогласување со европските стандарди. Исто како што се подразбира дека од страна на Грција, ќе има цврст поддржувач во овој нејзин обид.“

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести