Во најжешкиот период од летово, овој месец јули, кога температурите се искачуваа над 40 степени, земјоделски површини од селата во Општина Лозово, останаа без вода за поливање. Мештаните велат дека тоа било период од 20 и повеќе денови.
Каналите од системот Брегалница почнаа да се полнат од четвртокот. Водата патува повеќе од 90 км. од езерото Калиманци до најоддалечен дел од системот Брегалница, западниот дел на Овче Поле. За земјоделците е нејасно, како тоа каналите толку време суви а вода во езерото да претекува. Велат дека овој сушен период ќе остави траги врз лозјето, тутунот, култури од кои живее овој крај.
Раководителот на подружница „Брегалница“ од Кочани Благојчо Богатинов вели дека тие вода пуштаат и ја има, но некаде исчезнува. Не се почитувал планот за наводнување, планираат да ангажираат мобилна служба за обезбедување на водарите, за да може да се пронајде каде и кој ја користи нелегално водата од ХС Брегалница.