30.8 C
Skopje
Friday, July 23, 2021

ДА УЧАТ ЗАНАЕТ ИЛИ ДА СЕДАТ ДОМА: Што со над 50.000 невработени кои се со основно или без образование?

Најчитани вести

Повеќе од 50.000 од невработените луѓе во Македонија имаат завршено само основно, или пак немаат ниту основно образование, покажуваат статистиките на Агенцијата за вработување.

Вкупно 52.795 невработени од кои 25.433 се жени, а 27.362 мажи, се без основно образование или пак имаат само завршено основно образование. Тоа е половина од вкупниот број на невработени луѓе во земјава кој е над 100.000. Шансите на овие луѓе да се интегрираат на пазарот на труд се мали, затоа што немаат квалификации. Патот до пронаоѓање на работа е отежнат во време кога се бара познавање на странски јазик и работа со компјутер за повеќето работни позиции. Но, на овие луѓе им останува можноста да се определат за изучување на некој занает.

Секако дека е подобро човек да има квалификации, но дури и ако нема, може да работи, хигиеничар, бравар, ѕидар, заварувач. Ако вложи труд да научи некој занает, иако знаеме дека секој почеток е тежок, со текот на времето може да најде добра работа и да заработува добро, затоа што мајстори и занаетчии ни фалат поради заминувањето на работниците во странство“, велат од Агенција за посредување при вработување во внатрешноста.

Но, оваа категорија на невработени лица преку Агенцијата за вработување, добива шанса да помине обуки и да се стекне со практично знаење.

„Во насока на зајакнување на можностите за вработување на невработените лица, креирани се повеќе активни мерки, и тоа: Обука на работно место за познат работодавач, Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, Обука за стручни квалификации според барање на познат работодавач, Обуки за побарувани занимања и занаети, Обуки за дигитални вештини, како и Практиканство. Во дел од овие обуки можат да учествуваат невработени лица со завршено минимум основно, односно средно образование (во зависност од програмата за обука).  Во програмата за работно ангажирање содржана е и мерката Јавни работи која се однесува на вклучување на невработени лица со ниски квалификации во проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво. Покрај активните мерки за вработување, АВРСМ им овозможува и голем број услуги на невработените лица и работодавачите. Тука пред се спаѓаат следните услуги: помош при барање работа,  мотивациски обуки, обуки „Подготовка за вработување и за работа“, професионална ориентација и кариерно советување, активација на невработени Роми и посредување при вработување“, велат од Агенцијата за вработување.  

Инаку, уште 11.896 невработени се со непотполно завршено средно образование, 25.360 имаат завршено средно образование, додека со виша школа се 1.300, со факултет невработени се 9.567, 719 магистри се без работа и 21 доктор на науки. Сите овие луѓе се со статус невработени во евиденцијата на Агенцијата за вработување. 

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести