Home » Дачиќ: Србија не извезува оружје ниту во Русија ниту во Украина

Дачиќ: Србија не извезува оружје ниту во Русија ниту во Украина

by Журнал.мк

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека од почетокот на руската инвазија на Украина, од Србија не е извезено оружје на ниту една од страните во конфликтот, што е прв официјален одговор на пораката на Кремљ дека Москва ги следи информациите за можно снабдување на Украина со српска муниција.

-Србија, а јас можам да го тврдам тоа, бидејќи моето Министерство дава дозвола за извоз, не извезува воена опрема во ниту една земја за која веруваме дека би била проблематична и спорна на кој било начин, изјави Дачиќ.

Тој нагласи дека станува збор за „легални институции“ кои можат да извезуваат оружје.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова вчера соопшти дека Москва побарала од Белград официјален став за информацијата дека српско оружје и е доставено на Украина. – Веќе побаравме од Белград да се изјасни. Ваквите изјави не треба да се даваат преку медиумите, ниту преку каналот Телеграм, ниту преку протекување информации, туку преку официјално објавениот став на српската страна, рече Захарова.

Таа додаде дека мора да се откријат фактите и врз основа на тоа да се извлечат соодветни заклучоци, бидејќи тоа е „исклучително важна тема за билатералните односи“.

Захарова претходно денеска изјави дека Москва е длабоко загрижена поради наводите за вмешаност на Србија во продажба на оружје на Украина.

-Внимателно ја следиме оваа приказна, обрнавме внимание на неодамнешната дискусија на оваа тема во српскиот парламент. Информациите што кружат, се разбира, предизвикуваат нашата најдлабока загриженост, изјави таа во коментарот објавен на веб-страницата на Министерството.

Претходно во руските медиуми и на каналите на Телеграм се појавија тврдења дека Србија тајно испорачала 3.500 ракети за ракетните системи „Град“ во Украина преку Турција и Словачка.

Рускиот портал „mash.ru“ неодамна објави дека во Украина се испорачани 3.500 ракети М21 од 122 мм од српската компанија Крушик. Порталот објави дека ракетите биле нарачани од Крушик од канадската компанија „ЈНЈ експорт импорт“, а сандуците со оружје биле пренесени од Србија во Турција, каде транзитот го вршела турска компанија преку која товарот отишол во Словачка, а потоа во Украина.

Компанијата Крушик неделава објави дека на ниту еден начин не е поврзана со продажба на проектили на краен корисник од Украина.

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ во понеделникот негираше дека Србија извезува оружје во Украина.

-Дали приватните компании купуваат на трети пазари и продаваат на компании во други земји не е прашање за Србија, тоа е меѓународна трговија. За нас тоа може да биде интересно разузнавачки, во смисла на информации, а не законски обврски или регулативи, рече Вучевиќ во српското Собрание, одговарајќи на прашањето на опозициски пратеник за тој случај.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk