16.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

Дали наглиот раст на доларот ќе заврши со остар пад?

Најчитани вести

Американскиот долар летово бележи значително зголемување на вредноста. Јапонскиот јен и еврото паднаа на најниско ниво во однос на американската валута во последниве две децении; еврото, кое долго време вредеше повеќе од еден долар, сега се изедначи со него. Широкиот трговски пондериран доларски индекс на Американската централна банка речиси повторно го достигна истиот оној врв што го достигна во март 2020 година, во услови на паника предизвикана од почетокот на пандемијата на ковид-19. Всушност, ако направиме приспособување соодветно на инфлацијата во Соединетите Американски Држави и нивните трговски партнери, тој е веќе повисок.

Ова се случува и покрај тоа што САД ја забележаа својата највисока годишна стапка на инфлација во период од четири децении, како и најлошиот трговски биланс од времето на светската финансиска криза. Што се случува и дали доларот ќе „тресне“?
Иако е точно дека девизните курсеви е работа што е исклучително тешко да се објасни, а уште помалку да се предвиди, постојат четири главни фактори што се чини дека влијаат на тенденциите кај главните светски валути. Што е најважно, Федералниот резервен систем на САД (ФЕД) започна да ги зголемува каматните стапки, а американската економија навидум воопшто не е ни блиску до вистинска рецесија, па, така, сè уште има простор ФЕД дополнително да ја заостри политиката.
И покрај еднакво високата инфлација во Европа, Европската централна банка е институција што е повнимателна. Ова е делумно поради тоа што економските изгледи на еврозоната се покревки. ЕЦБ е загрижена за високото ниво на долг на Италија, но исто така смета дека сегашните стапки на инфлација кај цените на енергентите се нешто што нема да продолжи. Јапонија и Кина досега се немаат соочено со значително ниво на инфлација.

Банката на Јапонија веројатно нема да ја заостри политиката во скоро време, а и Народната банка на Кина ги намали стапките во август.
Геополитиката е исто така фактор што влијае на силата на доларот. Војната во Украина претставува многу понепосреден ризик за Европа отколку за САД, додека заплашувачкото играње со оружје од страна на Кина кон Тајван е огромен ризик за сите, но најмногу за соседна Јапонија. Без разлика дали станува збор за рецесија или не, Европа и Јапонија ќе мора значително да ги преструктурираат своите одбранбени капацитети и, истовремено, да ги зголемат своите долгорочни воени трошоци.
Тука е исто така и актуелното економско забавување во Кина, што многу повеќе ги засега Европа и Јапонија отколку Америка. Главните причини за забавување на растот на Кина – вклучувајќи ги и заклучувањата поврзани со ковид, прекумерното градење, острите мерки врз технолошкиот сектор и преголемата централизација на економската моќ – се прашања што ги коментирам веќе некое време и тука не забележувам некаков голем и значителен пресврт.

Конечно, тука се и сегашните мошне високи цени на енергентите, фактот дека САД се доволни самите на себе од енергетски аспекти, а Европа и Јапонија се огромни увозници – сите овие фактори исто така одат во полза на доларот.
Некои би додале дека САД се побезбедно засолниште од Европа и од Јапонија. Тоа можеби е вистина, и покрај тоа што Америка е заглавена во студена граѓанска војна, која нема да има своја завршница сè додека поранешниот претседател Доналд Трамп е присутен во комбинација. Интеграцијата во еврозоната, која ветува дека ќе напредува секогаш кога има криза, ќе биде ставена на тежок тест доколку глобалните реални каматни стапки некогаш почнат да растат. Инфлацијата во Германија е на пат да го достигне 70-годишниот максимум, но поагресивните зголемувања на каматните стапки на ЕЦБ може да предизвикаат експлозија на италијанскиот државен долг.
Сегашната сила на доларот има длабоки импликации за глобалната економија. Голем дел од светската трговија, можеби половина е деноминирана во долари – и за многу земји, тоа важи и за увоз и за извоз. Во таа смисла, порастот на доларот предизвикува голем дел од светот да го намали увозот, и тоа до тој степен што голем број истражувачи утврдија статистички значајно негативно влијание врз глобалната трговија.

Силниот долар ризикува да има особено брутален ефект врз пазарите што се во развој и врз економиите во развој, бидејќи приватните фирми и банки во овие земји што позајмуваат од странски инвеститори можат да го сторат тоа речиси само во долари. Повисоките каматни стапки во САД исто така имаат тенденција непропорционално да ги зголемуваат каматните стапки на послабите должници. Всушност, широкиот индекс на доларот ќе се зголемеше уште повеќе ако голем број централни банки на пазарите во развој проактивно не ги зголемеа каматните стапки за да го запрат притисокот врз нивните национални валути.
Но ваквото затегнување, секако, претставува оптоварување за нивните домашни економии.
Фактот дека поголемите пазари во развој досега во голема мера ги издржаа повисоките каматни стапки на САД и зголемувањето на вредноста на доларот беше пријатно изненадување. Но останува да се види колку долго тие ќе продолжат да го прават тоа ако ФЕД и понатаму го следи агресивниот пристап на затегнување, особено ако истовремено се случува дополнително намалување на цените на суровините (како што предупреди мојот колега од „Харвард“ Џефри Френкел), а САД и Европа западнат во рецесија, со истовременото економско забавување во Кина.
Во блиска иднина, раздвижениот долар ќе влијае на Америка помалку сериозно отколку нејзините трговски партнери, главно поради тоа што трговијата со САД речиси целосно се фактурира во долари. Но постојано силниот долар ќе има подолгорочно влијание во домашни услови, бидејќи САД ќе станат релативно поскапо место за производство. Тоа, сепак, нема да му помогне на странскиот туризам, кој бележи остро намалување во периодот од 2019 година досега.

Дали неодамнешниот пораст на доларот во однос на другите главни валути би можел да премине во обратна насока? Точно е дека некои големи подеми на вредноста на доларот од минатото, вклучувајќи ги и оние што се случија во средината на 1980-тите и почетоците од 2000 година, на крајот беа проследени со остри падови.
Но, повторно, она што со сигурност се знае е дека девизните курсеви е тешко да се предвидат, дури и за временски период од една година. Дополнителен пад на еврото и јенот во однос на американската валута за 15 отсто е сосема можен, особено ако геополитичките судири фатат друга, полоша насока.
Единствено што може со сигурност да се каже е дека периодот на извонредно мирни девизни курсеви на главните валути, почнувајќи од 2014 година, сега е минато.

КЕНЕТ РОГОФ
(respublica.edu.mk)

(Авторот е професор по економија и јавна
политика на универзитетот „Харвард“)

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com