9.8 C
Skopje
Monday, October 18, 2021

Дали минимална плата од 18.000 денари може да го победи растот на цените или ќе стимулира вработување на црно?

Најчитани вести

Од 1 јануари просечна плата од 500 евра, а минимална од 300 евра, најавува премиерот Зоран Заев од митинзите на СДСМ низ градовите.

-Минималната плата е покачена од 9.000 на 15.000 денари, просечната плата изнесува 28.744 денари. Сите плати за само четири години се покачени за најмалку 100 евра, а истовремено стапката на невработеност падна на историски 15,9 отсто, вели тој.

Најавите дека за многу кус период, односно нецели три месеци минималната загарантирана плата во државата треба да се зголеми за речиси 50 евра, што е најголем скок откога постои, за што досега не се консултирани социјалните партнери ги вознемири работодавците, но ги израдува синдикалците.

Работодавците прашуваат од каде пари. Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ) за весникот ВЕЧЕР вели дека исплатата на најавената сума може да биде проблем за приватните работодавци, но прашува и од каде ќе најде државата пари за да ја плати јавната администрација.

-Прашање е дали компаниите сега имаат капацитет да ги зголемуваат платите макар и малку. И дали ова нема да стимулира отпуштање работници и вработување на црно. Од друга страна, дали за да ја плати јавната администрација државата повторно ќе се задолжува, или ќе оди на зголемување на даноците и придонесите, вели Бошков за весникот ВЕЧЕР.

Исто така, тој се сомнева дека во зголемување на минималната плата од сегашните 15.200 на 18.000 Владата ќе бара излез од ситуацијата со актуелниот раст на цените, како на домашните така и на берзанските и поскапувањето на струјата, односно дека тоа е дел од владин план за соочување со тој проблем.

-Дали ова, всушност, е признание на премиерот и Владата дека во овој момент немаат став, односно не знаат како да се соочат со растот на цените на храната и на струјата. Оваа најава не соодветствува на воспоставената пракса да се консултираме и да се советуваме околу реалните можности, вели Бошков.

Во Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, сметаат дека зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари е соодветно на нивно дамнешно барање.

-Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства. ССМ оправдано во изминатиот период укажува и бара минималната плата да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, а во таа насока е и изјавата на претседателот на Владата и иницијативата до крајот на 2021 година да се зголеми минималната плата на 18.000 денари. Со такво зголемување на минималната плата, истата ќе изнесува околу 63 отсто од просечната плата со што би се оствариле заложбите на синдикатот и барањата на работниците, вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Тој додава дека во наредниот период треба да се размислува и за промена на законското решение со кое ќе се спречи минималната плата да биде под 60 проценти од просечната плата, како и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата преку што многу лесно ќе има зголемување и на просечната плата.

-ССМ укажува дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за август 2021 година изнесува 34.342 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата, а со дискусијата ако таа дојде до висина од најмалку 18.000 денари, тогаш отприлика две минимални плати би биле доволни да ја покријат синдикалната минимална кошница што би значело подобрување на животниот стандард на македонскиот работник на кој очигледно му е потребна плата за живот, вели Димовски.

Во ССМ сметаат дека поради зголемувањето на цените, очигледна е потребата од зголемување на платите, за да можат работниците да си овозможат без грижа да ги покриваат трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница.

-Затоа, ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира, односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните, смета првиот човек на ССМ.

Се проценува дека на минимална плата сега се околу 100.000 вработени.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com