5 C
Skopje
Sunday, March 7, 2021

Дали е можен нов мигрантски бран од Турција?

Најчитани вести

По вчерашното предупредување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно се отвори прашањето дали претстои нов мигрантски бран кон Европа. Во Турција има над три ипол милиони бегалци од Сирија, а од 2016 година по договорот со Европската унија таа е своевидена брана за мигрантите кои сакаат да влезат во Европа.

Според она што е договорено меѓу Европската унија и Турција во март 2016 година, Анкара се согласи да го спречи приливот на мигранти во Европа како замена за помош од неколку милијарди евра за бегалците кои се прифатени во Турција и кои главно се од Сирија.

Но, од минатиот месец постојано расте бројот на пристигнувања на мигранти во соседна Грција. Пред една недела пристигнаа повеќе од десетина чамци со 600 луѓе, што е првото такво групно доаѓање во последниве три години.

Претседателот Ердоган, наведувајќи дека Унијата не ја доставува потребната помош, се закани дека „ќе ги отвори портите“ и ќе дозволи сириските бегалци кои во Турција ги има околу 3 ипол милиони да ја напуштат Турција за западноевропските земји.

„Ќе бидеме принудени да ги отвориме портите. Ако сакате да дадете поддршка, тогаш дадете поддршка. Ако не сакате, извинете … го толериравме ова до одредена точка и ние сè уште го толерираме. Дали само ние ќе го носиме овој товар?“.

Заканата на Ердоган до Унијата е уште еден притиок за остварување на неговата идеја за воспоставување таканаречена безбедносна зона, по должината на границата со Сирија, земја која е уништена од војната.

Ердоган рече дека Анкара е подготвена да го стори тоа сама пред крајот на месецот, доколку за тоа нема договор со Соединетите држави.

„Решени сме да започнеме со воспоставување безбедна зона источно од реката Еуфрат до крајот на септември. Најидеален начин е да го сториме тоа со нашите американски пријатели, но ако не се воспостави таква основа, нашите подготовки се завршени и ќе започнеме со тоа сами, со свои средства“.

Ердоган, притоа ја повтори навреденоста на Турција од тоа што досегашните предлози за создавање на безбедносна зона – предвидена како место каде што бегалците би можеле повторно да се населат во Сирија – се игнорирани од западните земји.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести