23 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Дали Европа ќе го згрижи Балканот?

Најчитани вести

Пишува: Стевче Радевски

Францускиот писател и филозоф Франсоа Мари Анруе (1694-1778 г.), познат под псевдонимот Волтер, во своето дело „Трактат за толеранцијата“, со една случка од тогашното секојдневие најдобро ќе ја опише суштината на толеранцијата.

Имено, двајца свештеници во Париз, од две различни верски секти, постојано се расправале меѓусебе. Последната нивна расправија завршила со жестока тепачка.

Дежурниот милиционер ги забележал, ги уапсил и ги однел кај надлежниот судија. Судијата најпрвин ги прекорил свештениците и им рекол дека треба да се засрамат зошто им даваат негативен пример на останатите граѓани.

– За казна, им вели судијата, ќе ве затворам и ќе ве држам во затвор толку долго сè додека двајцата не се помирите меѓу себе.

– Во тој случај, му велат свештениците скоро истовремено, ние ќе треба да останеме во затвор до крајот на животот.

Судијата се нашол во небрано, но веднаш смислил компромис.

– Во ред, ако е така тогаш ќе останете во затвор сè додека не почнете да се преправате дека сте се помириле.

Ете, тоа е, отприлика, рецептот по кој треба да се решаваат и меѓусебните проблеми на народите и државите на Балканов. Ако сакаат балканските народи да направат неков исчекор, ќе мора да се преправаат дека се помириле.

Истовремено, се поставува дилемата: која треба да е улогата на Европа на Балканот и дали Европа ќе го згрижи истиот?

Одговорот е –не!

Да барате Европа да го згрижи Балканот е исто како да барате Дон Жуан да се интегрира со некоја убавица. Тоа, пак, е невозможно, зашто Дон Жуан без тој чин на заведување, нема повеќе да биде она што бил пред тоа.

Европа ќе ги држи балканските народи во фаза на „продолжена адолесценција“, за тие постојано да копнеат и да се надеваат на неа.

Надежта, пак, последна умирала, но честопати, на погрешни заклучоци наведувала.

Во меѓувреме, останува да видиме дали Европа нема да се „балканизира“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести