28.8 C
Skopje
Sunday, June 20, 2021

Даблин: Немирите во Северна Ирска мора да сопрат пред да биде убиен некој

Најчитани вести

Уличното насилство во Северна Ирска мора да престане пред некој да биде убиен, рече во четвртокот ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени, повикувајќи ги синдикалните и националистичките лидери да работат на смирување на тензиите.

„Ова мора да запре пред некој да биде убиен или сериозно повреден“, изјави Ковени за ирската телевизија РТЕ, откако немирите прераснаа во судири, континуирани напади врз полицијата и палење на киднапиран автобус.

„Ова се сцени што не сме ги виделе во Северна Ирска многу долго време, тоа се сцени за кои многу луѓе сметаа дека се историја и мислам дека треба да се вложат колективни напори да се обидат да се смират тензиите“, додаде тој.

Кај унионистите растатфрустрациите од трговските бариери меѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија како резултат на договорот по Брегзит.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека е „длабоко загрижен“ за насилството. Десетици полицајци се повредени последните денови.

Ирскиот премиер Мајкл Мартин ги повика Даблин, Лондон и сите партии во Северна Ирска да работат заедно за смирување на тензиите и враќање на мирот.

Раководството на Северна Ирска, кое се состои од претставници на ирски националисти и унионисти, ќе се состане во четврток за да разговара за конфликтите, изјави Мишел О’Нил, заменик-премиер на Северна Ирска.

„Оние кои се вклучени во насилство, штета, манипулација со нашата младина и напади врз полицијата мора да престанат“, објави на Твитер О’Нил, член на ирскиот националистички „Шин Феин“.

Групи млади луѓе во пробританскиот дел на Белфаст во средата запалија киднапиран автобус во прометна улица околу 18 часот по локално време. Возачот и патниците не се повредени.

Инцидентот се случил во близина на т.н. „Ѕид на мирот“ што е граница помеѓу националистичките и унионистичките делови на градот. Поголемите групи фрлаа петарди, цигли и молотови коктели кон „Ѕидот“ од двете страни.

Откако договорот за Велики петок беше постигнат пред 23 години, со кој се стави крај на конфликтот во Северна Ирска, покраината сè уште е поделена на ирски националисти, претежно католици, кои бараат обединување со Ирска и протестантски унионисти кои сакаат да останат дел од Велика Британија.

Владејачките националистички и унионистички партии меѓусебно се обвинуваат за конфликт.

„Шин Феин“ ја обвинува Демократската унионистичка партија (ДУП) на премиерот Арлин Фостер дека ги подгрева тензиите со остро спротивставување на трговските бариери меѓу Северна Ирска и Велика Британија.

Од друга страна, ДУП ја посочува како причина за немирите одлуката на полицијата да не покрене постапка против членовите на „Шин Феин“ кои минатата година присуствуваа на големиот погреб на членови на ИРА, и покрај епидемиолошките ограничувања. Затоа ДУП побара оставка од началникот на северноирската полиција.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести