21.8 C
Skopje
Tuesday, June 22, 2021

Гутереш повика на двојно зголемување на производството на вакцини

Најчитани вести

Некои земји низ светот сè уште не добиле ниту една доза вакцина против коронавирусот, додека побогатите земји активно го вакцинираат своето население, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во интервју за руските медиуми пред неговата посета на Москва, која почнува утре.

– Многу сум загрижен поради моменталната состојба. Некои земји го вакцинираат своето население многу брзо, но сепак имаме земји кои не примиле ниту една доза од вакцината, рече тој.

– Вакциналниот национализам е голема грешка. Генерално, гледаме огромна разлика меѓу вакцинациите во светот во развој и развиениот свет, додаде Гутереш.

Тој потсети на иницијативата Ковакс насочена кон дистрибуција на вакцини во земјите во развој.

– За жал, на Ковакс и денес му недостасуваат средства – околу 22 милијарди долари, рече генералниот секретар на ОН и додаде дека сега има проблеми и со снабдувањето поради ограничувања на извозот во различни земји.

Гутереш ги повика производителите на вакцини против коронавирус да ги здружат силите за да го удвојат производството.

– За мене е очигледно дека глобалното производство на вакцини треба да се удвои за да ги задоволи сите потреби. И тоа бара соработка, рече тој.

Генералниот секретар на ОН потсети на неговиот повик до Г20 да развие глобален план за вакцинација кој ќе ги зајакне капацитетите на сите земји и компании кои произведуваат вакцини.

– Се надеваме дека сите производители на вакцини ќе можат да се здружат за да создадат глобален план за вакцинација кој ќе ги опфаќа сите луѓе во сите земји, истакна тој.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести