Регионалниот гувернер на Суми, Дмитри Живицки, објави на социјалните мрежи дека отровен гас од амонијак истекува од хемиската фабрика „Сумикимпром“, оштетена од руското гранатирање.
Живицки во објави на Фејсбук и Телеграм предупреди дека е загрозено селото Новоселција. Градот Суми најверојатно нема да биде загрозен поради насоката на ветерот, напиша тој. Тој им порача на жителите од околните места да дишат преку газа натопена со лимонска киселина.
„Оставете ја областа“
Вработените во фабриката и државната служба за итни случаи се обидуваат да го поправат истекувањето на амонијак, напиша Живицки.
Живицки ги предупреди сите што живеат во радиус од пет километри од Шумикимпром да ја напуштат областа бидејќи тоа е опасен гас.
Информацијата за истекување на гас гувернерот ја објави во 3 часот и 30 минути на својот Телеграм канал.
Обвиненијата за употреба на хемиско оружје
Во последните недели руската војска ја обвини Украина дека подготвува хемиски напад врз цивили за кои има намера да ја обвини Русија. Западните земји неодамна изјавија дека постои зголемен ризик Русија да употреби биолошко или хемиско оружје.
Русија постојано беше обвинета за ширење дезинформации за наводни украински провокации со цел да ги оправда сопствените напади.