20.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

Грчкиот Парламент ќе одржи вонредна седница за прислушувањата

Најчитани вести

По барањето доставено од лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, грчкиот Парламент ќе отвори порано од планираното, за да се одржи вонредна пленарна седница за случајот со прислушувањата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас, како што соопштија од партијата, телефонски разговарал со претседателот на грчкиот Парламент, Костантинос Тасулас и го информирал дека доставил допис во кој бара прекин на летниот одмор на пратениците и „одредување вонредна расправа за прашањето за следењето на политичарите и новинарите од Националната служба за разузнавање што е во надлежност на премиерот“.

Владиниот портпарол Јанис Иконому соопшти дека, откако биле информирани од Тасулас за барањето на Ципрас, Владата се согласува да се забрза отворањето на Парламентот на 22 август и во текот на таа недела да се одреди термин за одржување на седница.

Парламентот, кој сега е затворен поради летните одмори, првично, планирано беше на 31 август, одново да започне со парламентарните процедури.

Премиерот Киријакос Мицотакис претходно денеска ѝ соопшти на нацијата дека не знаел за прислушувањето на телефонот на лидерот на опозициската ПАСОК Никос Андрулакис од страна на разузнавачката служба на земјата во 2021 година, што предизвика политичка бура.

„Она што се случи можеби беше законски, но беше грешка. Не знаев и очигледно никогаш немаше да го дозволам тоа“, рече Мицотакис во телевизиското обраќање.

Тој додаде дека разузнавачката служба на земјата ја потценила политичката димензија на телефонското прислушување.
„Тоа беше формално адекватно, но политички неприфатливо“, изјави Мицотакис.

Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ Никос Андрулакис синоќа рече дека неговиот мобилен телефон бил следен, а во исто време имало и обид да се хакира со софтверот „Предатор“. Тој додаде дека единствено одговорен е Мицотакис и побара одговори од грчкиот премиер.

Од друга страна, опозициската СИРИЗА во саботата, коментираше дека „грчкиот „Watergate“ го има потписот на Мицотакис“ и побара премиерот да си поднесе оставка.

Двете опозициски партии побараа формирање истражна комисија во грчкиот Парламент за истрага на политички одговорности во случајот.

Во грчките медиуми се појавија информации дека следењето на Андрулакис било по барање на странска служба, споменувајќи ги Ерменија и Украина, меѓутоа двете земји, преку нивните амбасади во Грција, најостро и категорично ги демантираа овие натписи.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com