25.8 C
Skopje
Wednesday, September 28, 2022

Грција како најнегативен пример за третман на бегалците во ЕУ

Најчитани вести

Двојниот стандард со бегалците во Европа
Според последните извештаи на УНХЦР, бројката на луѓето што ја напуштија Украина од почетокот на конфликтот веќе е поголема од 4,2 милиони, додека внатрешно раселените се проценуваат на повеќе од 6,5 милиони.

Полска, Унгарија, Романија, пример за
хуман прием на бегалците

Најголемиот број од оние што ги напуштија границите на својата земја влегоа во земјите на Европската Унија, а пред сѐ во Полска. Извештаите од теренот укажуваат дека третманот кон нив станува репер за тоа како може и треба да изгледа хуманитарниот одговор. Во земји како Полска, бегалците не се пречекуваат со солзавец и палки, туку со топли колбаси, ќебиња, лозинки за слободен пристап до интернет, бесплатни возења со убер, како и соби во домовите на луѓето. Слична е приказната и во Романија и во Унгарија, како што пренесуваат хуманитарците, но и многубројните медиуми што одблизу го следат развојот на настаните.
Но сите европски држави немаат еднаков третман кон бегалците, укажува Башар Деб, новинар истражувач, во својата анализа во „Политико“. Притоа тој го цитира грчкиот министер за миграција и азил, Нотис Митаракис, кој луѓето што ја напуштаат Украина ги нарекува „вистински бегалци“, па се прашува, кои се фалсификатите. Дали се тоа Сиријците, Авганистанците, Ирачаните и другите од целиот свет, кои толку често се опишуваат како оружје или хибридна закана?
Потенцирајќи го огромниот број новинари што секојдневно известуваат за ситуацијата на границата со Украина, Деб со жалење констатира дека во денешната ЕУ постојат големи делови – особено околу границите на Унијата – каде што новинарите не можат да одат и од кои не може да се известуваат приказни. Овие слепи точки ги држат подалеку од видот некои од помрачните аспекти на управувањето со границите на ЕУ.

Грција како најнегативен пример за третман на бегалците во ЕУ

Овде новинарот посебно ги посочува Грција, по должината на нејзината граница со Турција, и Хрватска, во близината на Босна. „На овие локации, новинарите немаа слобода на движење, ниту можност да раскажуваат приказни за луѓе што ги ризикуваат своите животи за да влезат во ЕУ. Секој напор да се дознае нешто повеќе се потпираше на собирање дигитални докази и други техники за далечинско известување за да се раскажат веродостојни приказни“.


Двојните стандарди очигледно дојдоа до израз и во оваа бегалска криза, па Грција, лулката на демократијата, како што сака да се прикажува самата, го покажа вистинското лице со третманот кон бегалците, кои токму таму ги доживеаја некои од најтрауматските искуства. Се разбира, таквиот однос не можеше да не остане регистриран и од новинарите, кои иако држени настрана и далеку од немилите настани, сепак, успеале да ги забележат сведочењата на бегалците.
На тој начин, ако се споредат двете слики, онаа од украинско-полската граница и оние од грчко-турската, станува јасно дека „во Европа се толерираат постоењето двојни стандарди и целосната неподготвеност да им ги обезбеди на бегалците сите услови пропишани со меѓународните договори и стандарди“. Човечката мака и страдање се еднакви и не треба да се делат според нација, вера или каква било определба.


Или, како што вели во својот текст Башар Деб, инаку Сириец по националност, „Приказните за луѓето во движење не треба да бидат толку тешки за раскажување. Избираме чии приказни ги раскажуваме, а овие избори ги откриваат нашите предрасуди“.

Најбрзата миграција во Европа во последните децении
Од почетокот на украинскиот конфликт на земјата на 24 февруари, над четири милиони луѓе ја напуштиле Украина, според агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР. Амбасадорката на САД во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, минатата недела на Генералното собрание на телото изјави дека бројот на украински бегалци може да надмине пет милиони, но се чини дека и тој број нема да биде конечен.
Споредувајќи ги годишните податоци на УНХЦР, која го следи бројот на раселените луѓе низ светот, бегалската криза во Украина има потенцијал да стане една од најголемите во светот.


Во 2020 година, УНХЦР броеше 6,8 милиони меѓународно раселени бегалци и баратели на азил од Сирија, што значи луѓе што сè уште не добиле целосен правен статус во друга земја. Втората најголема криза идентификувана од ОН беше онаа на раселените Палестинци, проследена со оние што ја напуштија својата земја поради кризата во Венецуела – и двете опфаќаа околу пет милиони луѓе во тешки ситуации. Бегалците и барателите на азил од Судан и од Јужен Судан беа три милиони, додека оние од Авганистан во странство беа 2,8 милиони во 2020 година, последната година за која беа достапни податоци.


Како што покажуваат бројките од 2013 година, бегалските кризи обично не се случуваат одеднаш. Пред една деценија, раселените од Сирија беа 2,5 милиони, додека оние што избегаа од Судан и од Јужен Судан беа 800.000. Ситуациите во Палестина и во Авганистан се примери на долготрајни конфликти каде што бројот на бегалци стагнира во последните 10 години. Од друга страна, неуспехот на венецуелската држава покажува дека некои бегалски текови можат да растат доста брзо. Во 2013 година, УНХЦР броеше само околу 200.000 Венецуелци во ситуации слични на бегалците.
Заедно со 48 милиони внатрешно раселени лица, УНХЦР изброи вкупно 82,4 милиони присилно раселени луѓе во светот во 2020 година – рекордно високо и двојно повеќе од 2010 година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com