21.8 C
Skopje
Tuesday, June 15, 2021

Групна изложба на млади графичари во МКЦ

Најчитани вести

Група млади македонски графичари – Ана Трајковска, Ивана Секулоска, Јован Јосифовски и Душан Стефановски, ќе ги презентираат своите дела, кои отстапуваат од канонизираното класично поимање на графичката уметност. Преку разни аспекти, преку манипулирањето со техничките, медиумските и стилските концепти ќе претендираат да ги прошират границите на нејзиното поле.

Преку индивидуалните експериментирања со графичкиот печат и неговото втиснување во и врз разните материјали (епоксидна смола, линолеумски отпад, гипс, желатинска фолија, лесонит, тул, хартија итн.) авторите помалку или повеќе ќе успеат да ги допрат граничните подрачја и ќе ги прелеат и слеат во други ликовни медиуми во кои непосредно може да се препознаат карактеристиките на проширеното поле на графичката уметност.

Дел од петтемина автори, користејќи ги традиционалните методи на техничката изведба (но, и своевидното рециклирање на графичкиот отпад), со нивниот индивидуален пристап, всушност ќе ја манифестираат флуидноста на графичкиот медиум и прелевањето во интермедијалноста, која морфолошки ќе се артикулира во скулптурата, модниот дизајн, висечката инсталација, колажите и графитите. Иако концепциски и стилски меѓусебно се сосема диференцирани, сепак дифузната графичка линија на целата изложба го претставува оној заеднички именител што го означува примарниот интерактивен елемент, со кој авторите ќе го воспостават внатрешното дијалогизирање помеѓу делата, кои поединечно ги артикулираат разните поетички наративи: еколошките, социополитичките, феминистичките и културолошките.

Тие ќе бидат артикулирани преку презентирањето на двострано испечатениот, т.е. транспарентноста на античкиот скулпторски портрет на Ана Трајковска, како и транспарентноста на модниот дизајн на Ивана Секулоска; фрагментирањето и спојувањето на деловите во целоста на исклучителните критички колажи на Јован Јосифовски и трансферирањето на уличната уметност во галериски простор на Душан Стефановски, така што во сите дела на авторите може да се забележат автентичните индивидуални дискурси. Иако нецелосната виртуелна рецепција на делата од потписникот на овој текст се чини сомнителна, сепак се надеваме дека нема да биде големо промашувањето од менталното проектирање до реалното презентирање на делата. Исто така, се надеваме дека оваа изложба нема да биде единствена од ваков вид и дека во иднина на авторите ќе имаат уште поголем предизвик за натамошно истражување и исчекорување од класичната графичка уметност.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести