Групата „Нови фосили” е една од најпопуларните групи во поранешна Југославија. Основана е во далечната 1969 година и имаше малку поинаква постава. Од кога во групата дојде пејачката Ѓурѓица Барловиќ, „Нови фосили“ стануваат мегапопуларни. Од тогаш се редат и многубројни хитови: „Чујеш ли ме, јел ти драго“, „Диридонда“, „Е, мој Саша“, „Твоја кошуља плава“, „Нека вали гинголају своје барке“….но, по трагедија која се случува, кога почина Ѓурѓица, групата по пауза од една година, почнува да настапува со новата пејачка, со згодната Сања Долежал. Испееја уште посилни и повпечатливи хитови, а со песната „Ја сам за плес“ беа и успешни југословенски претставници на „Песна на Евровизија“.
Во историјата на југословенската естрада останаа познати по своите оригинални концерти со специфични настапи на: Сања, Маринко и Зец. А, токму овие споменатите пред некоја вечер величествено им се вратија на армија свои обожаватели.
–
Концертот се случи во срцето на историскиот град Пула, на Јадранско Море во прекрасната околина на Пулскиот замок. Според многумина, тоа беше незаборавен музички настан, нешто што долго ќе се памти и повеќе од успешен кам-бек на „Нови фосили“, а насловен според нивниот евергрин „За добра стара времена“.
Концертот предизвика некои посебни емоции. Па, така овој еден од најлегендарните поп-бендови од поранешна Југославија на уникатен начин го пренесе времето и естрадната енергија од изминатите децении преку изведбите на своите најголеми хитови.
Ваков спектакл со “Нови фосили“ во амбиентот на старата каштела, и со визуелни ефекти покрај пеењето, не се случил поодамна. Нешто за кое обожавателите, долго време ракоплескаа, а особено беа сите воодушевени од пејачката Сања Долежал, сè уште онака мангупски расположена.