10.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Груевски и Јанакиески на 20 мај ќе чујат уште една пресуда, овој пат за „ТНТ“

Најчитани вести

Пресудата за случајот „ТНТ” е закажана за 20 мај. Завршни зборови денеска дадоа дел од обвинетите, кои се изјаснија дека немаат сторено кривично дело во однос на уривањето на објектот „Космос” и оти се надеваат на ослободителна пресуда.

Претходно, завршен збор имаше поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој посочи дека не постои ниту еден акт што е потпишан од негова страна, а се однесува на уривањето на објектот „Космос“ и се надева на ослободителна или одбивателна пресуда, бидејќи оштетениот Фијат Цаноски сам истакнал дека бара политичко решение, со што признава дека објектот е нелегален.

„Се надевам дека преку моите завршни зборови и завршните зборови на мојата одбрана судот ќе донесе ослободителна или одбивателна пресуда. Ако добијам и шеста осудителна пресуда, дали нешто ќе се смени во општеството? Мојот одговор е дека ништо нема да се подобри, освен што Цаноски ќе заработи од Буџетот на државата, давајќи поттик на други своето незаконско работење да го прикријат преку политички решенија користејќи ги правосудните органи“, посочи Јанакиески.

Завршен збор вчера имаше и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, кој посочи дека на средба со инвеститорот на објектот „Космос” Фијат Цаноски, тој не негира дека гради нелегално. Исто така, Трајковски вели дека нема испратено порака до Никола Груевски, ниту го контактирал во врска со овој објект и „повеќе од јасно е дека не бил поттикнат да дејствува по нечија наредба”.

Одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба предложи до Судот да обрне внимание на релевантните докази, бидејќи со ништо не се докажува вината на Трајковски и треба да биде ослободен од обвинение.

Јавниот обвинител Бурим Рустеми во завршните зборови нагласи дека во текот на постапката со сигурност се докажа дека обвинетите ги сториле делата што им се ставаат на товар.

Обвинетиот Никола Груевски ја злоупотребил својата позиција и влијание како премиер да ја оствари својата желба да му го урне комплексот Космос на својот политички противник Фијат Цановски и да му нанесе финансиска штета. Јавниот обвинител Рустеми на судот му предложи обвинетите да ги прогласи за виновни и да ги казни согласно закон.

Бранителот по службена должност на обвинетиот Никола Груевски, во завршен збор, рече дека Груевски ниту потпишал, ниту пак можел да потпише некаква одлука во Општина Гази Баба, истовремено оспорувајќи ја автентичноста на снимените аудио разговори кои биле изнесени во случајот.

„Обвинетиот ниту има вина, ниту има доказ дека нешто потпишал, а единствен доказ против него се аудиоснимки чија автентичност не може да се потврди. Ценам дека овој суд нема ниту една законска причина да го прогласи за виновен и дека треба да биде ослободен од обвинение“, изјави бранителот по службена должност на Груевски.

Случајот го води судијата Огнен Ставрев.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, како и еден градежен инспектор и тројца вработени во општина Гази Баба.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com