20.8 C
Skopje
Sunday, June 20, 2021

Граѓанските потписи тешко поништуваат закони

Најчитани вести

Ниту една иницијатива со собирање потписи не дала плод во државата во изминатите 30 години, а партиите на ваков потег се решаваат најчесто како еден вид притисок врз политичкиот опонент кога несогласувањата за одреден закон не можат да ги решат во Собранието.
Таков е и последниот случај со иницијативата за собирање граѓански потписи што неодамна до ДИК ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, со намера преку собирање граѓански потписи да се обиде да го поништи неодамна изгласаниот Закон за попис на населението, домаќинствата и становите, со кој не се согласува.
Според законската процедура, откако првично ќе се соберат 100 потписи, тие се доставуваат до спикерот во Собранието, а потоа иницијативата се препраќа во матичните комисии. Откако ќе се констатира комплетноста на првите 100 потписи, тогаш се известува претседателот на Собранието. По ова, следуваат натамошните постапки за собирање потписи за поништување на одреден закон, во случајов Законот за попис.

Инаку, македонската јавност и во минатото се соочуваше со разни иницијативи со собирање потписи, кои речиси немаа никакво влијание врз законите што претходно биле изгласани. Се собираа граѓански потписи за поништување на одлуката за промена на името, потоа за правото на чист воздух, чиста вода, против изградба на рудници, против носење разни ДУП-ови, против територијалната поделба и против многу други поднесени и изгласани закони, кои во суштина никогаш не го постигнаа реалниот ефект.
Собраните потписи најчесто не го поминуваа комисискиот филтер, или, пак, се наоѓаа разни толкувања со кои иницијативите се отфрлаа, а претходно изгласаните закони никогаш не беа поништени.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека партиите меѓусебните несогласувања треба да ги решаваат во рамките на Собранието, а не решенијата да се бараат преку иницијативи за собирање потписи.
– Факт е дека во услови на пандемија пописот е преизбрзан. Но факт е дека, исто така, ако имате речиси 50 пратеници во Собрание, да се обидувате на овој начин да собирате потписи, сметам дека не е во ред. Требаше преку парламентот да ги средат работите – вели Давитковски.
Според него, 30 години само поради дијаметрално спротивставените работи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Македонците страдаат за многу работи.
– И Преспански и Бугарски, и ваков и таков договор, и за пописи и за уште еден куп работи требаше да се постигне консензус. Како можеа да се согласат за вакцините, а сега не можат да постигнат договор за една статистичка операција? Мислам дека вината е кај двете партии. Требаше да се најде заеднички јазик. Тоа е техника, а на техника не треба да се прави политика. Кај нас, за жал, од сè се прави политика, па и пописот го направивме политика – констатира Давитковски.
Адвокатот и политички аналитичар Александар Тортевски смета дека иницијативите со собирање потписи се јалови и никогаш не дале плод.
– Еднаш ВМРО-ДПМНЕ собра 100 илјади потписи, па власта излезе со некакво уставно толкување на законодавната комисија дека не може да се собираат потписи за работи што се регулирани со Устав и сето тоа пропадна – вели Тортевски.

Според него, собирањето потписи е само да се префрли одговорноста кај граѓаните, наместо работите да се решаваат во Собранието.
– Ова со потписите е само глумење. Од една страна велат дека пописот е небезбеден, а од друга страна ќе собираат потписи. Тоа е во колизија едно со друго – појаснува Тортевски, притоа додавајќи дека иницијативата можела да биде поведена и од пратениците во Собранието, без да се инволвираат граѓаните.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести