9.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Градоначалник со „тапија“, бизнисмен, адвокат и советник во трката за прв човек на Илинден

Најчитани вести

Градоначалник со „тапија“, бизнисмен, адвокат и актуелен советник се кандидатите за градоначалник на општина Илинден, кои влегоа во изборната трка. Сите се надеваат на победа, а ветувањата им се исти, да им ги подобрат условите за живот на жителите на оваа општина.

Еден од кандидатите е и актуелниот градоначалник, Жика Стојановски, кој ќе се бори за петти мандат.  Досегашните победи ги издејствува со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но сега оди сам, како независен. Тој не одговори на нашите прашања, поврзани со неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, односно дали воопшто барал партиска поддршка,  која очигледно ја изгуби бидејќи беше дел од  иницијативата за смената на актуелното раководство. Стојановски само ни одговори на прашањето што ново ќе им понуди на жителите на Илинден, бидејќи изминатите четири мандати седеше во градоначалничката фотелја.

-Многу ми е драго и лично сум навистина горд што ја имам довербата од граѓаните сите овие шеснаесет години. И сосема е јасно дека без нивната поддршка и соработка, ние како општина немаше да постигнеме се што постигнавме. И тоа е најдобриот рецепт за следните четири години, за мојот петти мандат заедно со моите сограѓани, тоа е мојата цврста одлука и намера, вели Стојановски.

Тој додава дека по исклучителните резултати кои ја прават општина Илинден една од најуспешните на национално ниво во однос на одржливиот економски раст и развој, подготвен е да продолжи со работа.

-Изградивме училишта, градинки, индустриски и економски зони, кои растат. Изградивме инфраструктура која расте. Нам не ни се потребни големи зборови за сите достигнувања, затоа што ние правиме големи работи, а големото се догледува од далечина, потенцира Стојановски.

Еден од ривалите на Стојановски е Александар Георгиевски. Тој работи во Министерството за труд и социјална политика, а во моментот е и претседавач на Советот на општина Илинден. На прашањето кој е неговиот мотив да влезе во „трка“ против својот довчерашен сопартиец, тој вели:

-Во однос на тоа кој со кого влегол во трката прашањето мислам дека треба да е обратно поставено. Актуелниот градоначалник кој беше 4 мандати кандидиран од ВМРО- ДПМНЕ, сега кога партијата одлучи конечно да предложи ново лице за кандидат, истиот не ја испочитува одлуката на партијата и се кандидираше независен. За мене тоа е некоректно и нефер кон партијата која му овозможи 4 мандати градоначалник и 2 директорски мандати. Искрено од него очекував да застане зад кандидатот на партијата, исто како што многумина сиве овие години застануваа зад неговата кандидатура почитувајќи ја одлуката на партијата, вели Георгиевски.

На забелешката дека тој и сега е дел од локалната власт, па што ќе се смени доколку седне на градоначалничката фотелја, Георгиевски вели:

-Овој мандат сум Претседател на Советот на Општина Илинден и искрено сум горд на Советот како функционираше овие години. Советот како колективен орган има донесено многу програми од различни области на општественото живеење но искрено дел од тие активности во програмите се или делумно спроведени или неспроведени затоа сметам дека како градоначалник ќе имам поголема можност да ги реализирам приоритетите кои се важни за секојдневниот живот на нашите сограѓани. Моите планови се да ја направиме општина Илинден отворена општина и вистински сервис за граѓаните, областите каде што сериозно ќе се фокусираме ќе бидат животната средина, инфраструктурата, образованието, здравството, спорт и млади, безбедноста во сообраќајот итн, вели Георгиевски.

Меѓу кандидатите е и  бизнисменот Александар Тодоровски кој е поддржан од СДСМ. Тој за себе вели дека е упорен и истраен во реализирањето на поставените цели, а според него, истрајноста и упорноста се најважни карактерни особини кои треба да ги поседува идниот градоначалник.

-Секако треба да поседува афинитети насочени кон создавање современи услови за модерен живот на граѓаните, да гледа со очите на младите луѓе, а да размислува со разум на возрасен и зрел човек. Кога сето ова ќе се синтетизира се добива поглед кој е отворен за широки перспективи, насочени кон задоволување на потребите на сите граѓани, на сите возрасти. Уште како релативно млад зачекорив во водите на бизнисот, а сето тоа ми овозможи да патувам многу и да запознаам многу пријатели од различни места на живеење и различни култури. Сето тоа ми овозможи да ги проширам и продлабочам визиите и идеите за тоа каков живот треба да има еден човек на 21-от век. Оттука потекнува мојот мотив а тој е ,,Да го дадам најдоброто од себе за моите сограѓани од мојата родна и сакана општина Илинден“, вели Тодоровски.

За тоа дали раздорот во ВМРО-ДПМНЕ, која досега убедливо ја носеше победата во оваа општина, нему ќе му донесе победа, тој вели:

-Жедта за победа кај моите сограѓани ја спознав уште на првите средби, а таа е резултат на долгоочекуваната победа. Повеќе од дваесет години партијата СДСМ ја нема добиено довербата на локалните избори во општина Илинден. Секако, тоа е и главниот мотив кај граѓаните да ја посакуваат победата уште повеќе. Граѓаните на Илинден, без оглед на политичката определба или пак, политичка неопределеност, имаат потреба од нов лик на градоначалничкото место, лик кој ќе има поинакви приоритети во градењето на еден нов современ начин на живеење. Овие потреби не произлегуваат од промената на политичката определба на актуелниот градоналчалник, туку едноставно граѓаните на Илинден имаат потреба и желба за промена во насока да се даде можност на кандидат кој нуди можности за унапредување на животниот стил на граѓаните на нашата општина. Ја имам довербата од многу мои сограѓани и се надевам дека докрај ќе ме поддржуваат, а секако јас ќе ја оправдам нивната доверба на најдобар можен начин, вели Тодоровски.

Тој додава дека се што ќе им вети на жителите на Илинден, односно се што ќе стави на хартија, ќе го преточи во реалност.

-Почнувајќи со решавање на инфраструктурните проблеми, создавање на чиста средина, создавање на фонд за стимулирање на спортистите, како и создавање на стимулативна средина за ученици и студенти, помош за лица приматели на социјална помош, се само мал дел од проектите на кои ќе работиме и со сигурност ќе ги реализираме. На овие локални избори нудиме новитети кои досега ги немало во ниту една програма на досегашните кандидати од било која политичка партија. Се надевам дека граѓаните ќе ги согледаат квалитетите и неопходноста од реализација на понудените проекти кои со сигурност ќе им го направат животот во нашата општина побезбеден, достоен и посреќен, вели кандидатот на СДСМ.

На овие кандидати, кои досега или во моментот имаат силна партиска поддршка, ќе им се спротивстави и адвокатот Столе Атанасовски, кој во битката влегува како независен. Тој за себе вели дека е сопруг и родител на две дечиња и заедно со смејството живее во Илинден, каде што се наоѓа и неговата адвокатска канцеларија.

-Целта на моето кандидирање како независен кандидат за градоначалник на општина Илинден е заедно со жителите да ги решаваме локалните проблеми кои се во голем број. Јас секогаш сум тежнеел да бидам слободен и независен и тоа право е во корелација да бидам одговорен доколку ми граѓаните ми ја дадат обврската да бидам градоначалник на општината, вели Атанасовски.

ој се надева дека овој пат граѓаните ќе се одлучат за личност а не за партија.

-На нашата општина и треба стабилност и раст во секој поглед верувам дека сите заедно тоа може да го постигнеме. Моќта е кај луѓето и верувам дека овој пат ќе се одлучат за личност а не за партија. Впрочем надлежноста на општината се однесува за јавни работи од локален карактер и затоа треба да запре времето на диктати од страна на партиите, вели Атанасовски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com