Home » Градете патишта ако сакате раст и развој

Градете патишта ако сакате раст и развој

by Журнал.мк

Квалитетна патна мрежа е еден од предусловите за развој на економијата и наедно за развојот на државата. Но, сепак, поврзаноста на различни дестинации низ земјава е многу слаба. Иако бизнис-заедницата постојано апелира дека е потребно подобрување на инфраструктурата низ земјава, сепак, на терен состојбите бавно се менуваат. Завчера и светскиот нобеловец Пол Кругман на меѓународната конференција „Скопски економски и финансиски форум“ (СЕФФ) порача дека Македонија мора да инвестира во инфраструктурата, во спротивно странските инвестиции ќе се бројат на прсти.


– Подобрување на патната инфраструктура заедно со инвестиции во транспортот сметам дека се едни од клучните сегменти на кои треба да посвети вниманиe вашата земја. Иако не сум запознаен детално со економијата, сепак, како копнена земја сметам дека транспортното прашање, заедно со работната сила и образованието се меѓу клучните сегменти на кои треба земјата да посвети поголемо вниманиe, заедно со инфраструктурата како еден од поважните сегменти – истакна Кругман на конференцијата.


Според него, инфраструктурата е клучот за развој на економијата и за привлекување инвестиции. Кругман додаде дека во време на ваква криза, Европа ќе го пресели производството кон земјите од Западен Балкан и државите со ниски плати, па тие треба да бидат подготвени за да ги привлечат.


– Ако имате непречена реализација на инфраструктурните патишта, тогаш вашите можности се големи. Македонија мора да се посвети на подобрување на патната инфраструктура, ако сака странски инвестиции и развој на економијата – им порача Кругман на македонските власти.


Стопанствениците и економистите со години споменуваат дека современите патишта се неопходни и дека воопшто не е прашање за дискусија, туку дебатата треба да биде само за тоа каков пат е потребен, односно дали треба да се гради автопат или брз пат кон една дестинација.

– Со жалење и резигнираност мораме да констатираме дека сѐ уште мора да ни кажуваат и укажуваат од „страна“ за да ги прифатиме фактичките состојби во сите сфери од општественото, социјалното, економското, здравственото, културното живеење во државата.


Во овој случај, станува збор за инфраструктурата, која е клучниот „нервен“ и „крвен“ систем за добро оперативно функционално социоекономско општество – истакнува Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Според него, инфраструктура е сѐ околу нас, целокупната инфраструктура е во функција на потребите на граѓаните и економијата, додавајќи дека во нашата држава инфраструктурата е запоставена, не се одржува постојната и многу тешко и бавно се гради нова.


– Би сакал да потенцирам дека првично инфраструктурата е најпотребна за подобро живеење на граѓаните и економските оператори, потоа за сите други – туристи, инвеститори итн. Инфраструктурата носи мерливи и немерливи ефекти, за жал, кај нас негативни, и има мултипликативно значење и функција. Завчера на форумот ни посочија дека има ефекти врз странските инвеститори, ние би додале дека има ефекти и врз претстојната туристичка сезона, врз транспортното „заобиколување“ на нашата земја, врз културолошкото уназадување, врз намалениот број дојдовни странски туристи, врз намалените капацитети на извозната економија итн. – објаснува Бошков.


Асоцијацијата „Макам-транс“ долги години укажува на потребата од изградба на целосна патна инфраструктура низ државата, која ќе овозможи достапност до секое место, а со тоа и еднаков развој во државата.

– Развиена и подобрена патна инфраструктура значи заштеда на време и трошоци за превоз, но и намалени штети. Квалитетните патишта овозможуваат пристапност, сигурност и ефикасност, но притоа мора да се земат предвид и локалните патишта, кои значат пристап до разни фабрики, рудници, откупни центри, магацини, односно локации каде што има стока за преземање. Обемот на превоз на стока е во директна корелација со развојот и растот на стопанството затоа што превозот е услуга поврзана со активноста на сите други учесници во економијата. Развојот на одредени делови од државата и привлекувањето странски инвеститори што би вложувале и во руралните делови на државата се директно поврзани со градење мрежа на патишта што ќе ги поврзе сите делови. Зголемувањето на индустриските и трговски капацитети директно ќе влијае и врз растот на одделот превоз во патниот сообраќај – вели Биљана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“.


И од Европската инвестициска банка нагласуваат дека се неопходни квалитетни човечки капацитети што ќе изменаџираат непречена и навремена реализација на инфраструктурата. Оттаму порачуваат дека финансиите не се единствено нешто на што треба да се стави фокусот, потребно е и ангажирање соодветни кадри што ќе овозможат вистинска реализација на терен.


Од осамостојувањето на Македонија до сега Европската инвестициска банка обезбедила 1,1 милијарда евра за реализација на проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура или проекти што обезбедуваат развој и адаптација на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија. Се очекува со новоотвореното претставништво ЕИБ да ја зголеми поддршката на клучните инфраструктурни проекти, инвестициите на локалната власт, како и помош за малите и средните претпријатија во земјава.


Наедно, вчера, во рамките на 39. седница, законодавниот дом одлучуваше за предлог-законот за задолжување на Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта, по скратена постапка.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More