30.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Гостува диригентот Антони Вит, добитник на „греми“

Најчитани вести

Концертот насловен „Хипноза“ на оркестарот на Филхармонија, на кој како солистка ќе настапи пијанистката Марија Ѓошевска, ќе се одржи вечерва, во 20 часот. Диригент е Антони Вит, а на програмата се Серенада за дувачи оп. 7 од Штраус, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахманинов и Серенада за гудачи од Карлович.
– Добитникот на „греми“, маестро Антони Вит, е еден од највлијателните полски диригенти и, воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес. Откако ја освоил престижната награда „Херберт вон Карајан“ на Интернационалниот натпревар по диригирање во 1971 година и бил асистент на славниот Карајан на Источниот фестивал во Салцбург, тој соработувал со сите водечки оркестри во Полска пред да ја заземе позицијата генерален и уметнички директор на Варшавската филхармонија во 2001 година. Бил и музички директор на симфонискиот оркестар „Де Навара“ во Шпанија, а моментно е диригент-лауреат на филхармонијата „Краков“ во Полска. Маестро Вит има голема заслуга за изведбата на речиси сите современи дела од големите полски композитори, како што се Лутославски, Пендерецки, Карловиц, Шимановски… – велат од Филхармонија.
Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанисти во Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари.

Настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето“, соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев…
Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во Це-мол од рускиот композитор Сергеј Рахманинов, кој е на програмата, премиерно бил изведен на 9 ноември 1901 година. Овој концерт е пијанистичко ремек-дело. Еден од најпознатите и најизведувани концерти на светската музичка сцена. Рихард Штраус имал 17 години кога ја напишал „Серенада за дувачи“ во 1881 година. Како чудо од дете, веќе имал напишано Гудачки квартет, Соната за пијано, неколку пократки дела за пијано, Марш за оркестар… Мјачеслав Карловиц е полски композитор, претставник на „Младата Полска“, генерација музичари од кои е најпознат Карол Шимановски. „Серенада“ е негово прво поголемо дело и, всушност, прво оркестарско дело што го напишал за време на својот краток живот (починал по незгода на скијање).

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести