Од: Ана Анастасовска
Точно е дека во Македонија се изнагледавме голтари политичари, но уште поголем факт е дека од сите такви во политиката само народот остана вистински голтар во оваа држава.
Во државава имаме политичари што како голтари влегуваат во политика, а излегуваат милионери и милијардери што потоа отвораат фондации. До ваква констатација дошол Христијан Мицкоски, лидер на најбогатата партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на функционерите на СДСМ и пред сè на Зоран Заев, кој откако се повлече од политиката, се шушка дека ќе отвори фондација „Едно општество за сите“. Иако Заев е меѓу ретките премиери што во политиката не влегоа како голтари.
На ваквата изјава на Мицкоски побрза да му одговори Артан Груби од ДУИ, незаменливата партија на власт во последните 20 години. Груби, убеден, изјави дека ДУИ е единствената партија што немала корупциски афери и скандали. Ха, ха, ха. „Тоа што Мицкоски го зборува може да го земе како пример од неговите поранешни партиски членови, кои влегоа голтари, а излегоа милионери од политиката“, му врати „шверцерот“ на „математичарот“.
И едниот и другиот се во право. Во Македонија во последните 30 години се изнагледавме голтари што преку ноќ станаа бизнисмени и милионери. Грешката е само во тоа што и едниот и другиот гледаат во туѓите дворови, наместо прво да погледнат во својот. Се сеќава народот на голем дел од политичарите што како бедници влегоа во политиката, без скршен денар во џебот, кои со велосипеди и со распаднати автомобили одеа на работа, а шетаа во некои бледи капутчиња и јакни и во бели волнени чорапи. Е, истите тие по неколку години успеаја да станат модни икони, кои се возат во луксузни автомобили и кои за себе изјавуваа дека биле богати како бизнисмени. Дел од нив, секако, глумеа скромност, па демек ништо не приграбиле за себе додека биле на власт, иако реалноста зборуваше друго.
Во право е Мицкоски кога вели дека во државава (ќе) има пари, само ако политичарите не крадат. Но, греши кога притоа мисли само на политичарите од власта, а не и на своите поранешни партиски лидери и колеги. Не е во право и кога заборава да каже како со професорска плата од 500 евра успеа да дојде до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и да стане успешен бизнисмен. На ова го потсети во една прилика „голтарот“ Мијалков, братучед на оној пребеганиот „голтар“ Груевски.
Мицкоски заборави со прст да ги посочи „голтарите“ од кои никако да се огради откако е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а кои 10 години направија пустош во државава, на секое поле.
Факт е дека во државава има пари и тоа многу, но тие немилосрдно се крадат и се ставаат по џебови, наместо да се мисли на народот. Точно е дека во Македонија се изнагледавме голтари политичари, но уште поголем факт е дека од сите такви во политиката, само народот остана вистински голтар во оваа држава.
Затоа Македонците со години наназад тонат во сиромаштија и се најнесреќни во регионот. Според последните истражувања од Светскиот извештај за среќата во светот за 2022 година, Македонија е рангирана на 89-тото место од 146 држави и е последна помеѓу балканските според нивото на среќа на своите граѓани. Поточно – Македонците се најнесреќните луѓе на Балканот. Затоа тие со години наназад фрлаат сè на карта во еден правец. Цели семејства се иселуваат гледајќи дека во државава ништо не се менува. А дали некој од „голтарите“ во политиката е несреќен поради тоа? Секако дека не. Сè додека им капе од народните пари, без да одговараат за ништо, народот ќе страда. Ако еден ден ни се посреќи да дојдат политичари доволно богати со вредности како што се свест и совест, тогаш може да се надеваме дека е можно и ние да се почувствуваме како Финци.