14.8 C
Skopje
Tuesday, September 21, 2021

Големите партии пред нос им ја затвораат вратата на независните листи

Најчитани вести

Крајно недемократски потег на Владата со кој се намалува плурализмот на политичката понуда. Вака политичките аналитичари ја оценуваат одлуката на големите политички партии да се направат измени на Изборниот законик непосредно пред локалните избори во октомври и да се постави изборен праг од 2 отсто за независните кандидати.

Граѓанските здруженија се жалат дека е невозможно да се соберат 10.000 потписи во време на летни одмори, само во работно време и само во некои зафрлени подрачни канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), а револтот е голем и кај речиси сите помали политички партии, кои, освен што се противат на зголемувањето на изборниот праг, бараат тој да се намали на само 1 отсто или воопшто да го нема.

Од друга страна, наспроти лидерите на големите партии во земјава, претседателот Стево Пендаровски повикува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР која предвидува непосредно пред избори да нема менување на изборните правила. Сепак, ако е неопходно да се направат измени во овој период, посочува Пендаровски, тогаш тие треба да се направат со поширок политички и општествен консензус постигнат не само помеѓу власта и опозицијата, туку и со организациите од граѓанскиот сектор.

– Ставот на претседателот Стево Пендаровски е дека треба да се оди со понизок изборен праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес – велат од Кабинетот на Пендаровски.

Стравот лозјето го чува
Измените на Изборниот законик на два месеца пред избори само го прикажува лажното владеење на големите политички партии, но и стравот што го чувствуваат овие политички субјекти од реалниот граѓански сектор, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

– Предлогот да се воведе изборен праг од 2 отсто претставува јасна слика за тоа колку големите политички партии не го имплементираат вистинскиот демократски живот во Македонија. На овој начин тие го кочат демократскиот процес, а нивната цел е да ги заштитат сите бенефиции што сега ги уживаат. Со менувањето на Изборниот законик на само два месеца пред локалните избори во октомври, не само што се кршат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, туку директно се кршат и законите. Но, ние веќе се навикнавме да се кршат закони во Македонија – вели Пекевски.

Аналитичарот Марко Трошановски од Институтот за демократија за Радио Слободна Европа објаснува дека овие измени кои се најавуваат се недемократски потег на Владата со кои се намалува плурализмот на политичката понуда.

– Ваквите најавени измени се огромен удар врз демократизацијата на општеството. Измените сами по себе ги устоличуваат политичките партии како единствени актери во политичката игра и единствени кои би можеле да им дадат некаква понуда на граѓаните. Со самото ова, гласот на граѓаните како носител на суверенитетот, вклучително и суверенитетот на земјата, сериозно се подрива – вели Трошановски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, вели дека станува збор за компромисен предлог меѓу политичките партии и оти прагот, според него, е достижен за оние кои имаат поддршка од граѓаните.

Со воведувањето на прагот, како што објасни премиерот Зоран Заев, во една општина со 50.000 избирачи треба да се соберат 1.000 потписи, додека во Градот Скопје за некој независен кандидат да се натпреварува ќе треба да се соберат над 9.000 потписи, за разлика од моменталната регулатива која предвидува само 1.000 потписи.

Невозможна мисија
Да се соберат 10.000 потписи во време на летна сезона, во рамки на работното време и во некои зафрлени подрачни канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) е практично невозможно да се изведе, реагира граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, која брои 20 здруженија.

Ваквата измена во Изборниот законик, велат оттаму, е ништо друго освен недемократски и противуставен потег.

– Ако гледаме во апсурдноста на целите овие промени – за да регистираме една политичка партија во нашата држава потребни се само 1.000 потписи, таа политичка партија може да делува насекаде во државата во сите изборни едници, а независните избирачки листи со овие предлози треба да соберат 10.000 потписи за да делуваат само на подрачјето на Град Скопје. Ако тоа не е апсурд, тогаш јас не знам што е – вели Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, вели дека предложените проценти се многу високи и најавува амандмани кога измените ќе дојдат на дневен ред во Собранието.

– На граѓаните кои не се членови на политички партии треба да им се олесни можноста да се вклучат во локалната власт, односно тој процент да биде подостапен за нив. Предложените проценти се навистина многу високи – изјави Морачанин.

Сличен став дели и Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП, која вели дека не гледа потреба во тоа да се постават какви било изборни прагови, а кога веќе треба да има праг, додава таа, тогаш тој не треба да биде поголем од 1 процент.

– Не гледаме потреба за ставање какви било изборни прагови, ама доколку е неопходно да се има такво ограничување, тогаш прагот не треба да биде повисок од еден процент. И ние преку амандмани ќе се обидеме да се избориме за оваа цел – истакна Зајкова.

Предоцна за промени
ОБСЕ/ОДИХР препорачува шест месеци пред избори да не се чепка Изборниот законик, како и изборен праг од 1 отсто, вели лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

– Ова е перверзија што ја прави СДСМ и не можам да сфатам зошто во целата приказна влегува и ВМРО-ДПМНЕ. Со измените на Изборниот законик десеткратно ќе се зголеми бројот на потребни потписи за независни листи на кандидати за советници и за градоначалници. Мислам дека во СДСМ чувствуваат голем страв, бидејќи новите дечки кои се појавуваат како зелени им одземаат многу гласови. Ова нема да помине без тензии – предупреди Апасиев.

Тој ја демантираше изјавата на премиерот Зоран Заев дека не се работи за договор само помеѓу големите партии, туку дека во изработката на предлог-законот учествувале сите политички партии, вклучително и Левица.

– Точно е дека присуствувавме на средбите во Клубот на пратеници, но за праг од два отсто за независните кандидати воопшто не беше разговарано на тие состаноци – рече Апасиев.

Вчера Левица поднесе над 500 амандмани на измените на Изборниот законик.

И партијата Демократски сојуз смета дека со измените на Изборниот законик флагрантно се кршат препораките на ОБСЕ/ОДИХР за забрана за измени на изборните правила шест месеци пред избори.

„Иако како главна причина за промени на изборните правила се наведуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, со самиот факт дека измените на Изборниот законик се носат два месеца пред одржувањето на локалните избори, флагрантно се кршат токму препораките на ОБСЕ/ОДИХР за забрана за измени на изборните правила шест месеци пред избори. Скандалозен е предлогот за определување цензус од 2 отсто собрани потписи од запишаните избирачи како услов за пријавување на независни кандидатски листи, што има за цел да ги елиминира граѓанските листи и да обезбеди чист терен за големите политички партии од власта и опозицијата“, соопшти партијата на Павле Трајанов.

Во Извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните локални избори во 2017 година се наведува дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број потписи за независни кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународната добра практика.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com