За поддршка на организациите на бугарските заедници во Албанија, Србија, Косово, Молдавија и граѓаните на С. Македонија со бугарски идентитет, годинава се предвидени 800.000 лева, беше укажано на состанокот на Комитетот за политики за Бугарите во странство. „Парите веќе се одобрени од Народното собрание“, вели Иван Кондов, постојан секретар во МНР.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информациии професионална соработка, што предвидува секој ден националните информативни агенции на С. Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Програмата е иницирана во 2020 година од страна на Министерството за надворешни работи како пилот проект и започнува со буџет од 500.000 лева. Со него тогаш беа финансирани 30 проекти. Во 2021 година има 40 проекти, а доделената сума е 600.000 лева.
„Програмата е поврзана со зачувување на културниот идентитет, грижа за локалното бугарско наследство, проширување на опсегот на изучување на бугарскиот јазик. Тоа е вредна алатка за да се стигне до некои многу оддалечени области во Албанија, на пример. За оваа година, веројатно ќе биде многу тешко да се спроведе нешто во Украина. Но, програмата оди добро, целите се реализираат“, додаде Кондов.
Како главен проблем посочи дека секоја година парите се обезбедуваат со уредба на Советот на министри и има значително доцнење. „За 2020 година парите ги добивме на средината на годината, а за 2021 година во ноември“, додаде Кондов. Според него, МНР секоја година мака мачи да ги внесе парите во буџетот на министерството, но досега тоа не е прифатено.