13 C
Skopje
Friday, April 23, 2021

Глигоров меѓу Манифестот на АСНОМ и новото време

Најчитани вести

Пишува: Денко Малески

Што ќе се случеше ако првиот претседател на Македонија цврсто и непоколебливо се држеше до идејата за Голема Македонија запишана во Манифестот на АСНОМ? Конечно, тој беше еден од неговите автори. Кога, на почетокот од деведесеттите, го подготвувавме првото писмо на претседателот Киро Глигоров до претседателите на државите во светот, со апел да ја признаат новата македонска држава, претседателот се замисли над една реченица која се повторуваше во текстот. Имено, дека ние нашата идна суверена и независна држава ја гледаме во рамките на сегашните граници исцртани во југословенската федерација и дека немаме територијални претензии кон соседите.

Еден од авторите на Манифестот од првото заседание на АСНОМ во кој Вардарска Македонија се прогласи за Пиемонт околу кој ќе се обединат другите две Македонии, Егејска и Пиринска, мораше да заборави на старите времиња од војната и да мисли европски. Мораше да се ослободи од потрошениот мит.

Денес знам, не му било лесно она што мене, претставник на друга генерација, ми се чинеше толку нормално. Само ми постави едно реторичко прашање: „Како ли ќе го прифати ова мојата генерација?“ – и го потпиша писмото.

Претседател заробеник на митовите од историјата кој ќе одбиеше да и се прилагоди на новата реалност за нашата нација и држава, ќе ја прокоцкаше шансата да станеме држава воопшто. Неговите изјави за словенскиот карактер на нашиот народ, пак, уште рано во конфликтот, ја направија нужната дистинкција со античка Македонија одбегнувајќи директна конфронтација со Грција.

Со таква политика добивме држава, па, откога еднаш се воспостави, политиката на „антиквизација“ можеше само ја уништи нејзината дотогашна репутација но не и неа самата. А, репутацијата на Македонија беше толку уништена што, во еден понов нацрт документ на ЕУ кој не беше прифатен од две земји, не предупредија на „погрешно интерпретирање на историјата“. И, наместо да се замислиме, ние среќни што формулацијата не поминала, заборавивме да си го поставиме прашањето дали ние навистина погрешно ја интерпретиравме историјата кога ги поставивме темелите на македонскиот идентитет во она што се смета за грчка историја и култура. И, се разбира, да одговориме потврдно, покажувајќи дека сме ја научиле лекцијата.

Редовиве ги пишувам поттикнат од ставови на македонски историчари кои апокалипсата на нивната интерпретација на македонската историја ја изедначуваат со апокалипсата на државата и на македонската нација. Навистина, што ќе беше со нас ако претседателот Глигоров го одбра Манифестот на АСНОМ наместо нужностите на новото време?

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести