7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Гледањето „преку нишан“ се трансформира во гледање „очи в очи“

Најчитани вести

Јасминка Павловска

Медиумскиот сензационалистички пристап во одбележување настани што би требало да бидат вообичаена комуникација меѓу политичките чинители во Македонија, која се подразбира и според стандардите на политичката култура, отвора простор за поинакво толкување на афоризмот „да знаевме дека за минатото ќе зборувавме како за ’стари добри времиња’, тогаш во минатото немаше толку да се нервираме“.

Средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во објектот на Владата, за да разговараат за одредени понуди и решенија за справување со предизвиците на енергетската и економската криза во која веќе е втурната Македонија, секако е од општ интерес на граѓаните, но и на државата, а во медиумите беше пренесувана со значење на историски самит. Иако работните места на овие двајца македонски политичари се на растојание од две сообраќајни крстосници во Скопје (а ако се „крати“ пеш меѓу зградите од Градски ѕид, може и да се избегне некој семафор), за нивната средба телевизиите ги прекинуваа вестите со „брејкинг њуз“, порталите и социјалните мрежи реагираа најажурно пренесувајќи ги изјавите и коментарите поврзани со настанот, давајќи по некаква инерција придонес за „историската димензија“ на средбата. Секако, за таквиот медиумски третман веројатно влијаеше и пингпонгот со меѓусебни покани и одбивања да се сретнат лидерите, за тема што арехтипските партиски спротивставености и амбиции да се биде власт, ги прави особено бесмислени. Имено, вреди ли да се биде власт што сите политички предизвици ги сведува на оној базичниот – дали (и како) ќе се преживее зимата?

Крајната партиско-политичка поларизираност во Македонија, на некој начин доведена до степен на суетна недоверба и комуникација преку нишан од политичките говорници, создаде амбиент во кој какви било очекувања за заедничко решавање на предизвиците, што барем би навестувало некакво национално обединување, на јавноста ѝ се „сервираат“ како сензација. Исходот од средбата на двајцата партиски лидери во Владата е главно дека тие и нивните тимови си го кажале очи в очи она што секој од нив претходно го кажуваше како „издвоено мислење“ во медиумите. Лидерот на опозицијата смета дека би било успех ако Владата прифати нешто од неговите понуди и предлози за справување со енергетско-економската криза, па макар и да ги претстави како свои. Премиерот вели дека иако опозициските предлози се „препишани“ од она што го планирала Владата, сепак ќе „бидат ставени на разгледување“. Сепак, јавноста без преголеми очекувања, по малку рамнодушно реагира дека оваа средба е барем сигнал за некаков исчекор во надминување на политичките суети, кои од придружна (неизбежна) појава во политичкиот живот, прераснаа во стратегиски позиции на партиите во меѓусебната комуникација, но и во комуникацијата со јавноста. Таквата состојба толку ескалира што сериозно ги загрозува дебатите и барањето решенија за витални прашања од национален интерес. Политичката комуникација личи на рововска битка од партиските штабови, што синтагмата „национален консензус“ речиси ја има изгубено смислата, сведена на пародичен потсмев.

Дека недовербата и сомничавоста во искрената добронамерност на политичките конкуренти се преточени и во начинот на градење на личните релации меѓу актерите во македонската политика, сосема илустративно говори изненаденоста на поранешен пратеник во Собранието, од пред речиси дваесетина години. Тргнувајќи од искуството во неформалната комуникација со пратениците од конкурентската партија, во времето на неговиот мандат ги прашал сегашните пратеници од неговата партија што зборуваат со колегите од другите партии, на пример, во собраниското бифе. Одговорот бил: Не зборуваме за политика! И тука доаѓаме до моментот кога несовршеностите од минатото се претвораат во „стари добри времиња“.

Колку и да е банализирана и со третман на „политичка некоректност“, потребата за национална и политичка обединетост најсериозно се наметнува за Македонија, за да ги истурка предизвиците што ѝ се наметнуваат со претстојната (и се чини неизбежна) економско-енергетска криза. Неопходно е да се надминат недовербата и сомничавоста во намерите на политичкиот конкурент и калкулантството, како одреден чекор или мерка во интерес на граѓаните и државата, ќе се одрази на политичкиот рејтинг и шансите да се биде (дојде) на власт. Пред сите овие предизвици, политички, економски, енергетски, крајно време е Македонија да ги мобилизира сите свои материјални и интелектуални капацитети за да се справи со нив. На тоа одамна повикуваат интелектуалците, стопанството, бизнис-заедницата и научната заедница.

Искуството, а и актуелната меѓународна реалност, отворено покажуваат дека секоја држава, секоја нација гледа како прво таа самата да излезе полесно од политичко-економските закани, а речиси и не размислува за партнерите, колку и да се залагаат декларативно за принципиелно сојузништво. Во Македонија мора да се спушти нишанот од партиско-политичките говорници, зашто предизвиците за нејзино опстојување никако не се само политички сензационализам.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести