13 C
Skopje
Friday, April 23, 2021

Георгиевски: Ако им простивме на Србите зошто да не им простиме и на Бугарите

Најчитани вести

За експремиерот Љубчо Георгиевски нема ништо спорно ако македонската страна ги смени во учебниците називите за Бугарите од типот окупатор, номад или фашист, затоа што, според него, Македонија ѝ ја простила на Србија окупацијата од 30 години, ѝ простила и на Турција за петте века, па зошто да не ѝ прости и на Бугарија.
Во интервјуто за „А1он“, зборувајќи за македонско-бугарските односи, уште еднаш потенцира дека Македонија треба да ја смени перцепцијата кон Бугарија и да престане со антибугарското расположение, затоа што, според него, во минатото Бугарија била најголемиот поддржувач на Македонија, особено во 19 век. Наспроти ова, Геориевски вели дека треба да ѝ се оддаде признание и почит на Бугарија.

– Ако сме им простиле на Србите, кои биле три пати пожестоки окупатори на овие простори, ако сме им простиле во поновата историја на УЧК и седат во Владата, не гледам проблем да им простиме и на Бугарите. Аршинот треба да биде ист. Ако не простуваме, не простуваме никому. Треба да ја смениме перцепцијата и да признаеме дека Бугарија била најголем поддржувач на Македонија во 19 век. Факт е дека секој ранет комита од Македонија одел на лечење во Бугарија. Секој кој бил гонет се криел во Бугарија, 90% од оружјето доаѓало од Бугарија, обуките биле таму, во Бугарија. Таа поврзаност Бугарија- Македонија била многу јака, зошто има проблемот да ја признаеме? Триесет години го зборувам ова. Ако ги утврдевме пријателските места немаше да дојдеме до ова, ако секој политичар градеше по еден чекор, ниту ќе имавме обврски, ниту ќе ја имавме оваа шокова терапија – вели Георгиевски во интервју за „А1он“.

На прашањето за откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, Георгиевски вели дека тоа не било ништо ново и дека Македонија и со Договорот од Преспа и со Договорот со Бугарија се откажала од малцинствата.

– Предлагам да даде гаранција дека со ништо нема да ги поддржува аспирациите на македонското малцинство во Бугарија. Повторно галама, вик, патриоти колку сакате, а не гледам зошто. Македонија во овие 30 години шест пати официјално се има откажано од малцинствата во Грција и Бугарија. Три пати во договори со Грција, уште два пати во договор со Бугарија. Ги избришале од Уставот малцинствата, веќе не знам со кои промени и конечно со последниот договор меѓу Заев и Борисов, член 11, има шест потточки со кои ние се обврзуваме дека нема да даваме никаква поддршка таму. И сега кога јас го нудам тоа, виновен сум. Ако до сега пет пати сме се откажале од нив, да се откажеме и овој пат и да им дадеме гаранција на Бугарите – објаснува Георгиевски.

Георгиевски смета дека Македонија мора да направи компромис и со заедничките историски личности и список на кој ќе им се направат историски биографии и доколку има факти дека тие дејствувале како Бугари, тоа да стои официјално.

– Да се направи список од 15 личности и да се каже овие се општи личности, без многу елаборирања, и дискусијата да заврши. И независно од тоа да се кажат основните биографски податоци за нив, затоа што Бугарите сметаат дека македонската историографија ги крие и не ги кажува, и тие податоци да се вметнат. И да се каже дека Гоце Делчев, Даме Груев и сите други биле учители на бугарската егзархија, факт ли е тоа дека македонската историографија тој факт не го знае, зошто го крие? Биле учители, признавате, а со тоа вие ја менувате глобалната перцепција дека не биле толку лоши туку биле пријатели, но ние не го кажуваме како факт. Ние потоа ќе си објасниме под кои околности работеле тука. Сега тука се смирени и двете страни, тие ќе си толкуваат по нивно, ние по наше – вели Георгиевски.

На бурните реакции во јавноста откако тој ги изнесе и сега потврди за „А1он“ своите гледишта, Георгиевски рече дека стои зад нив и не е проблем ако некои политичари покренат иницијатива за негово протерување од државата. Вели дека има три државјанства, покрај македонското и бугарското, но не кажа кое е третото.

Не се чувствува повикан дека ја брани бугарската страна и додаде:

– Од 1990 година откако се појавив на политичката сцена добивам етикети за кого работам и што, но никогаш не сум се повел на планот на популизмот. Во ’90 не се откажав од идејата за самостојна Македонија, кога најголемиот број беа за Југославија – рече Георгиевски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести