17.8 C
Skopje
Thursday, June 17, 2021

Геополитика

Најчитани вести

Драги мои, имаме ново зборче: геополитика. Освен „највисоките врвови на власта“ како што метафоризира Коле Чашуле Постариот во една блескава пиеса зборувајќи за Латинска Америка, тоа ново зборче го употребуваат сите. Кој како стигне и кој каде ќе стигне. И кој за што ќе стигне. Ме загрижи моето незнаење за вистинското значење на геополитиката, но уште повеќе ме вознемири тоа што ја гледам кутрата амбасадорка на една друга Америка, како секој ден ги дообјаснува активностите, мерките и работата на нејзината влада и премиер. Завчера за Бугарите, вчера за корупцијата, а денес за владеењето на правото во северната балканска провинција. Не ја познавам госпоѓата, но иако на телевизија изгледа кревко и нежно, сигурно, во суштина тоа е силна и одлучна личност што е обрзована, тренирана и подготвена да одговори на сите предизвици што ја очекуваат во мандатот додека управува со северниот протекторат. Веќе е сосема јасно дека портпаролите и пиар-службите на официјална Илинденска 2 не си ја вршат работата, па остана таа да ги брани и афирмира политиките на премиерот, кои голем дел од јавноста почнува да не ги разбира, а богами и да не ги прифаќа. Дури и јас, кој го познавам човекот, веќе почнав да се губам и да не сфаќам сосема, за што поточно се работи тука? Драги мои, тој не знае, ама таа знае дека тој не знае, дека ова со вакцините може да го урниса сето она што дотука е направено во овие четири години. Од Пржино 1,2,3, па преку тиранската платформа до Преспанскиот и продолжените преговори за нов и проширен бугарски договор. Кога е здравјето во прашање, како што вели северниот народ, ѓаволот ја однел шегата, а приказната со вакцинацијата на граѓанството на северната територија станува критична.

Загрижен сум дека целата оваа работа може да ескалира во ширење лажни вести против западните сојузници, НАТО и ЕУ, доколку премиерот и министерката на војската продолжат да му ја кажуваат вистината на граѓанството дека тие не обезбедиле вакцини затоа што геополитички не одговарало да се земат вакцини од Русија и од Кина, а Америка и Европа геополитички не ни давале оти немале за себе и дека, ете, во ова криза, за жал, се покажало дека солидарноста не функционира баш како што за неа геополитички се раскажува во Договорот за пристапување на северната кон НАТО, на пример. И не само тоа, се плашам дека она што госпоѓата беше завчера загрижена за владеењето на правото, со право секако, па инсистира правото да се применува за секого, а скромно мислам дека под секого таа подразбира и премиерот, министерот на здравјето и министерката на војската, па ова нејзино инсистирање на примена на правото води директно кон тоа погореспоменатите службеници на геополитиката да завршат по затвори! Е па, да! Спротивно на правото и геополитиката е да бидеш премиер и министер, а да не го заштитиш здравјето на граѓаните, кога лесно се докажува, а впрочем тие веќе признаа дека можеле, ама не набавиле вакцини што им биле понудени од Русија, барем за пелцување на граѓанството на нациите што зборуваат на официјалните јазици, ако веќе не може за сите. Впрочем, другите имаат избор. Србите ќе си се вакцинираат во Србија, Бугарите во Бугарија, Власите во Романија, а Бошњаците во Босна. Е сега, во целата ова геополитика има шанси „да наебат“, извинете на изразот, Ромите, но тука е Индија, добога. Затоа, мислам дека треба малку да се подзакочи со тоа инсистирање на примена на правото во северната република. Оти, како што кажа дефинираниот корисен идиот од блојлерството на многупочитуваната Нуланд Викторија, професoрката Колозова – аман веќе со тоа право, ни се качивте на глава! Оти, мора тука да ја потсетам надлежната геополитика, доколку од престолнината во Вашингтон и понатаму се инсистира, а слушнав дека и дополнително ќе се вложуваат нови десетици милиони долари (покрај веќе вложените стотини!) во владеење на правото, спротивно на тоа право е кога премиерот на Република Северна Македонија ќе изјави дека „мора да се грижи и за интересите на Бугарија“.

Тоа претставува кривично дело, бидејќи во согласност со тоа право и неговото владеење на кое невнимателно се инсистира, истиот тој премиер нема право да се грижи за интересите на други, освен на државата што тие го избрале да ја претставува. Така е според правото, да му се сневиди! Па во таа смисла се дрзнувам да советувам; да не се претерува со тоа право, вразумете се! Ова е сепак Балкан, драги мои. Тука има огромна опасност секое право одеднаш и сосема неочекувано да се претвори во криво, па оди ти после исправај ги правдините и кривдините по Балканот. Тешка и мачна работа е тоа другари господа. Ете, гледате и сами, дека од 1992 година, со распадот на Југославија, откако беше ветено дека ќе се исправат сите неправди кон секој еден југословенски конститутивен народ и народност, па ако треба и по некоја крива дрина, а јасно е дека од сето тоа, триесет години подоцна нема ништо освен правдини наваму, кривдини натаму. Но така е тоа во геополитиката, драги мои Балканци. Геополитика е да се вети, а политика да се исполни. Ние Балканците треба навистина да престанеме да ги мешаме работите, па она што ни го ветила геополитиката да бараме да го реализира политиката. Нема таква работа. Но мора да предупредам и на уште нешто, оти гледам децата се заиграа со геополитика. Има нема – геополитиката ова, геополитиката она! Јас знам дека ова е новото зборче што треба да го скрие вистинското значење за она што е – кога нешто не е баш како што треба да е, но како што тргнале ќе стигнеме и дотаму дека геополитиката е виновна, а богами и одговорна за сѐ, па и за оние работи за кои не е. Се плашам, госпоѓата како што одат работите во северната, дека многу скоро ќе мора да почне да ги решава и проблемите со образованието, културата, социјалата, спортот и рекреацијата. Тоа е. Ќе нема на каде. Ќе се наложи.

Така е тоа во геополитиката. Не е прашање дали се сака, туку дали се мора. Мора сѐ, а доаѓа и пролет. Тие што ќе останат живи ќе треба да се вакцинираат, макар и со руски или кинески вакцини. Ќе се наложи, геополитички. Оти некој треба да направи и ќенефи по училиштата, да ги вароса и дезинфицира болниците, да ги асфалтира улиците, да ги доправи автопатиштата, пругата кон Бугарија, да ја врати водата во Преспанско Езеро, да го направи лунапаркот во Скопје, да ги исчисти депонии во Струмица, да го запре загадувањето во Тетово, да ја легализира марихуаната, да ги урниса дивоградбите во Охрид, да купи оружје од НАТО, да ги потпише новите анекси и договори, да ни ги исчисти сите болви од под мишките и буби од главите, да земе нови кредити и да ги врати старите, да ги исели северномакедонците и досели Сиријците, и така натаму и така натаму. А им берам гајлето на овие од Владата. Уште тоа ни остана кусо. Да бидат избркани од работа. Се плашам дека на оваа безработица ќе останат без лепче, ко што кажуваше на почетокот од мандатот премиерот. Ебати геополитиката. Чудна е навистина. Во еден момент, сосема краток до душа, помислив дека разбрав што е геополитика. Дека тоа е онаа кога Русија се расправа со Америка за Либија, а на крајот почнува војна во Ерменија. Ама испадна дека не е така. Сепак, мислам дека сега сфаќам. Геополитика е тоа кога нешто ти се налага да го направиш, дури и кога не сакаш. Ја разбирам јас госпоѓата. Не е лесно со нашава геополитика, која е таква што таму каде што не се сака – мора да се наложи! А геополитика е ако ти не наложиш, ќе ти наложат тебе. Ете тоа е геополитика. Најпосле, мислам дека разбрав што е тоа. Барем за еден сосема, сосема краток момент. Ете, тој момент помина. Си останувам со моето незнаење. Но полн со желба да научам.

Авторот е режисер и универзитетски професор

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести