10.3 C
Skopje
Saturday, January 23, 2021

Геополитика на Европската Унија

Најчитани вести

Нано Ружин

Од 1970 до денес, бројот на демократиите во светот се зголеми од 35 на 120 држави. Демократската мантра беше најинтензивна во Европа по паѓањето на комунизмот во 1989 година. Овој датум коинцидира со завршувањето на Студената војна, но и со замирањето на  големите геостратешки концепции. Три децении подоцна геополитиката повторно се враќа на голема врата. Освен САД, во современата меѓународна заедница се наметнаа двете џиновски авторитарни држави, Кина и Русија, со нови територијални претензии. Во деведесеттите, делата на Хантингтон „Судирот на цивилизациите“ и на Фукујама „Крај на историјата“, независно од критиките и оспорувањата, промовираа еден оригинален концепт во анализата на светот и неговите геополитички парадигми.

Во новиот меѓународен контекст, атлантските сојузници се соочија со повеќе прашања и дилеми за своите стратешки интереси. Каков е стратешкиот интерес на ЕУ во глобалниот свет? Со кои стратешки предизвици се соочува Европа кога се работи за опкружувањето, енергијата, информатичкото општество, тероризмот…? Каква е геополитиката на проширување на Балканот? Искрено размислувајќи, државите на ЕУ и нејзините институции не ги чувствуваат јасно овие агенди, особено кога заедничкиот интерес на ниво на Унијата е мошне слаб. Оттука произлегува една друга хипотетична дилема: дали  мултилатералноста на ЕУ ја чини немоќна?

ЕУ е вид „мултиполарен модел“ во смисла на апстрактна интелектуална конструкција, комбинирана од повеќе полови. Денес ЕУ заедно со Велика Британија брои 28 членки, кои во историјата биле спротивставени со разновидни геополитички интереси. Некои од нив  постојат со векови, како Франција или Шпанија, а некои едвај неколку децении како Словачка и Чешка (1993). Државите на ЕУ заемно не се доживуваат како пријатели туку како сојузници, партнери или ривали. Централното прашање за сите овие држави е: Како да се зграби што повеќе, а да се изгуби што помалку од суверенитетот? Во однос на геополитичките погледи, тие варираат од една држава до друга. На пример, Германија во Русија на Путин гледа стратешки комерцијален партнер, особено во доменот на енергетиката. Наспроти тоа, Полска и Литванија комерцијалните предлози на Кремљ ги филтрираат низ трагичните сеќавања од минатото.

Од своето конституирање, Европската заедница не беше плод на однапред напишано сценарио, туку резултат на конвергенцијата на разни мотиви и на недоволно јасно идеолошки дефиниран ентитет. Внатрешниот заеднички пазар на Унијата е еден од најзначајните вредносни аки на европската конструкција. На просторот од 28 држави живеат над 500 милиони граѓани на ЕУ. Токму консолидацијата на внатрешниот пазар на ЕУ ѝ придаде огромна геополитичка и геоекономска тежина во светот. Преку овој линк, ЕУ наместо преку сила сопствените вредности ги извезува низ моделот на soft power. Некои експерти сметаат дека оваа вредност е позитивна, но ограничувачка. На таквиот лизгав терен се води и битката помеѓу прогресивците и суверенистите. Прогресивците настојуваат државите да отстапуваат дел од сопствениот суверенитет во интерес на поголемата ефикасност на ЕУ. На ова прашање паднаа и обидите на популистите и евроскептиците на последните европски избори. Европската конструкција покажа дека е атрактивна и функционална, со оглед дека од времето на основањето во 1957 од страна на шест членки, достигна 28 држави членки. Меѓу нив, 11 држави биле под комунистички режими и планираното државно стопанство. Во 2004 отпочна масовниот прием на поранешните комунистички режими во ЕУ. Условите на приемот, утврдени во Копенхашките принципи, создадоа ефект на ограничување и одговорност меѓу аспирантите за членството. Вредносните аки на заедницата со околу 80 000 страници уредби наметнаа строги форми на „нормирање“.

Во доменот на поимањето на културата на сила, ЕУ е заразена од ДНК на инертноста. Создадена од држави кои поминале две светски војни, никој од татковците на Европа не помислувал на нови конфронтации и војни. Таквиот ген на ЕУ влијаеше да инклинира кон компромисите наместо кон судирите. Повеќе од јасно е дека ЕУ и насилствата се две антиномични појави. Таа долго време одбиваше да гледа на планетата низ призмата на реал-политиката, иако ги идентификуваше потенцијалните закани и непријатели. Барајќи  перманентен мир низ пацифистичкото регулирање на конфликтите, онтолошки ЕУ повеќе се изјаснуваше за политиката на soft power наместо за hard power. Меѓутоа, со враќањето на геополитиката и меѓународната афирмација  на ЕУ,  се освестуваат и Европејците, кои посериозно ја третираат геостратегијата.

Кон новите глобални предизвици неизбежно се наметнуваат темите на трајниот развој, климатските промени, тероризмот, имиграцијата, информатичкото општество… Дали Европејците за овие прашања се единствени и  подготвени да ги решат? Одговорот е негативен. Заедничкиот интерес е слаб и тоа од неколку причини: ЕУ секогаш во името на националниот суверенитет била подготвена да им ја остави одбраната на „интересите“ на своите членки за да се концентрираат врз „вредностите“, како што се: човековите права, демократијата, хуманитарната акција, дијалогот со цивилното општество. Заедничките стратешки интереси им се оставени на државите да се договорат, но во отсуство на консензус државите реагираат унилатерално, како што е случајот со мигрантската криза. Во ЕУ недостасуваат  општоприфатени геополитички анализи од страна на експертите. Се афирмираат разновидни еднострани национални визии за улогата на ЕУ во светот бидејќи отсуствува заедничка концепција за ова прашање.

Во оваа насока е и неконзистентноста на ЕУ во поглед на проширувањето на Западен Балкан. Проширувањето покрај другото е и геополитичко прашање. Од брзината на проширувањето зависат стабилизацијата и регионалниот мир во Западен Балкан. ЕУ настојуваше да игра активна улога во решавањето на проблемите на Косово и Србија, БиХ и грчко-македонскиот спор. Единствено со што може да се пофали се потпишувањето и ратификацијата на Преспанскиот договор. Со овој договор, покрај регионалната стабилност и гаранцијата на територијалниот суверенитет на РСМ, надминато е и „македонското прашање“ кое со векови беше изговор за воени судири и геополитички ривалитет. Противниците на договорот немаат визија за значењето на овој историски чин, но од друга страна е добро да ѝ се покаже на меѓународната јавност дека постојат разлики во мислењата. Единствено политичката инструментализација на партиите создава негативни ефекти и непотребен цинизам.

Сепак, во моментот кога целата меѓународна јавност ја чека наградата за Скопје, до израз доаѓа некохерентноста на ЕУ. Не се во прашање никакви отсуства на реформи или лоши резултати на владата на Заев, туку расчекор помеѓу еврократските лидери околу приоритетите, пред сè, на релација Париз-Берлин. Само оние што не ја разбираат мултилатералата сметаат дека освен Франција и други држави не го поддржале датумот за РСМ. Напротив, во овој вид организации како ЕУ или НАТО доволно е една држава од кои било причини да се спротивстави за да се манифестира солидарноста во полза на таа држава, која во спротивно ризикува да биде осамена или прогласена за главен кочничар. Тоа е еден вид мултилатерален бон-тон. Така беше во Букурешт 2008, така  беше и пред некоја недела во Луксембург.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести