Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш им соопшти на петте постојани членки на Советот за безбедност дека би сакал уште еден мандат, објави во неделата Блумберг њуз повикувајќи се на два дипломатски извори.
Гутереш веројатно наскоро и официјално ќе го извести претседателот на Генералното собрание на ООН, шпекулира Блумберг њуз.
Седумдесет и едногодишниот Гутереш ја презеде функцијата како деветти генерален секретар на ОН во јануари 2017 година, а неговиот петгодишен мандат истекува подоцна оваа година.
Тој го чекаше исходот од претседателските избори во САД и, според Блумберг њуз, одлучил да побара уште еден мандат по победата на Џо Бајден.
САД и ОН се разидуваа по бројни прашања за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп. САД се повлекоа од Светската здравствена организација (СЗО) за време на претседателството на Трамп и ги налутија членовите на Советот за безбедност со повлекување од договорот за иранската нуклеарна програма.
Трамп исто така ги повлече САД и од Парискиот климатски договор.
Канцеларијата на Гутереш немаше коментар за извештајот на Блумберг њуз.