17.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022

Гаќите да ги исперете, ранецот да го вратите!

Најчитани вести

Пишува: Бранко Героски

Ви текнува ли што велеа на времето оние бедни скептици, кога ги убедувавме дека нашето членство во НАТО ќе ни донесе политичка стабилност, инвестиции, добрососедство и уште многу други божји хубавини?

Јас паметам, бидејќи имам бајаги ломотено на таа тема. Тие ни се смешкаа озлобено и мрмореа – да бе да, од небо ќе ни падне…

А ете, како што гледаме, понекогаш ни паѓа баш од небо!

Вчера ни падна ранец од небо.

Не било каков, туку ранец на припадник на една сојузничка армија. Не се кажува која. Од предострожност, претпоставувам, да не би да стане таа армија легитимна цел на локалното воинствено население. Незгодни сме кога ќе легнеме некому под нозе…

Ранецот паднал врз куќа во Неготино. Нема жртви, фала му на бога и пред сè на НАТО. За прецизноста. А куќа ко куќа, ќе се поправи.

Чудно ми е малку што засега ниту една наша сојузничка армија не ја презеде одговорноста и не се извини за бизарниот инцидент.

Всушност, ако добро размислам, тоа и не е толку чудно. Ако уште подобро размислам, ич бе не е чудно. Не знам што ми стана да се чудам…

Што има тука воопшто да се каже од аспект на припадник на една сојузничка армија?

Уот д’ фак ис Неготино?

А мислите тој ранец паднал туку така, случајно. Неее… Нема бе ништо случајно во НАТО. Ова е порака. Нè тестираат. Денес ни падна ранец на глава, утре може да ни падне нешто друго. А ако е од сојузничка армија, или по грешка на НАТО, што и да е, добредојдено е. Штом е од бога… ви текнува?

Во Загреб, ако се сеќавате, падна дрон. По грешка на најмалку две сојузнички армии. Ѓоа по грешка. Баш у Загребу, баш код Милановиќа… Нејсе, им се извини ли некој на Хрватите?

НАТО никогаш не се извинува.

И кога греши, НАТО е во право.

Јасно?

Ние сме тие што треба да се извиниме.

Прво, затоа што Министерството за одбрана настанот го нарече „немил“. Како бе немил, абдали едни? Кој ви ги пишува тоа соопштенијата за јавност? Како може еден паднат натовски ранец да ни биде немил?

Мил ви е, мил ви е. Ако не е, ќе ви омили.

Второ, кој ви дозволил да истражувате што има во ранецот? Ваша работа е да ги исперете и да ги исштиркате гаќите (ако воопшто имало гаќи таму) и ранецот во чиста и исправна состојба да му го вратите на припадникот. Како што, впрочем, сте го вратиле.

Се надевам дека не сте заборавиле внатре да ставите и едно шише неготинска ракија, најубава на свет, во знак на извинување поради неснаоѓањето во овие вонредни околности, предизвикани од милиот настан.

Во име на гостољубивиот македонскиот народ, треба под итно да се упати заедничка порака до нашите пријателски сојузнички армии. Во која ќе се соопшти следново:

Идниот пат, мили наши сојузници, кога ќе фрлате ранци, јавете ни на време, да бидеме подготвени. На раце ќе ги чекаме, а не вака по ќерамиди да ни паѓаат. Не дај боже, може да се оштетат. Ранците, мислам…

Со радост ќе ги чекаме и во песни ќе ги опееме:

Коооога пааадна в Неееготиинаааа

Раааанец аме ри каан скиии…

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com