Home » ГАШИ ЈА НАПУШТАТА ВЛАДАТА, Алтернатива оди во опозиција

ГАШИ ЈА НАПУШТАТА ВЛАДАТА, Алтернатива оди во опозиција

by Журнал.мк

Со остри критики Африм Гаши, лидерот на „Алтернатива”, кажа дека партијата излегува од Владата. Според Гаши, во една година владеење има десетици успешни проекти на нивните кадри. Тој посочи дека во нивното владеење, немале коруптивна афера.

„Довчерашните партнери ја поминаа етичката линија. Ние донесовме конечна одлука. Одлучивме дека Алтернатива со сите функционери ќе биде опозициска партија”, рече Африм Гаши, лидер на „Алтернатива”.

Одлуката е донесена на состанокот на Централното собрание на партијата.

„Во јануари 2022 година одржавме стабилизација, а во јули започнаа и преговорите со ЕУ. Сакам да се заблагодарам на сите функционери”, рече Гаши за времето кога влегле во Владата.

По завршувањето на Централното сообрание на Алтернатива од партијата се огласија со соопштение, кое ви го пренесуваме во целост: 

– Ви се обраќам по состанокот на Централното собрание што беше закажан за денеска, во најкраток можен рок, ова согласно Статутот на партијата. Иако нашите довчерашни партнери ја преминаа и последната етичка линија и немаа трпение да ја чекаат ниту нашата одлука на Централното собрание, што доволно говори за нивниот политички морал, ние денеска се собравме да ја донесеме нашата конечна одлука во однос на новонастанатите околности.

Како што јавноста знае, во јануари 2022 година, Северна Македонија беше пред Хамлетовиот предизвик на својот пат кон Европската Унија. Всушност, нејзиниот пат го подразбираше и патот на Албанија. Во тоа време, кога ситуацијата беше ваква, ние ја донесовме најхрабрата одлука, која нè прави горди и денес и која верувам дека ја ценат не само нашите структури и гласачи, како и нашите граѓани, туку и нашите сограѓани Албанци и западни сојузници. Со создавање на мнозинството кое не постоело тогаш, ние во јануари 2022 година овозможивме стабилизација на владата и државата, додека во јули 2022 година и официјално беа отворени преговорите за Европската унија и со тоа заврши тридецениската транзиција во нашите земји.

Бидејќи нашата одлука беше политичка, ние со тогашниот претседател на СДСМ потпишавме и објавивме политички договор и уште еден кадровски договор, вториот како гаранција за спроведување на политичкиот договор, кој беше усвоен и од актуелниот премиер. И, иако точките од тој договор беа спроведени од наша страна, за жал, другата страна не го спроведе во целост ниту политичкиот, ниту пак, кадровскиот договор, а на крај тие – еднострано, речиси брутално – го раскинија договорот и решија да го поделат патот со нас, вклучувајќи друга партија во парламентарното мнозинство. Ова говори многу, за жал говори лошо, за нив и не само за нив како партија, како субјект на кој не му е гајле за раскинување на договори и не ги почитува оние кои му го спасија животот, туку ова говори многу лошо и за земјата која цели кон европските вредности.

Ако СДСМ оцени дека европските стандарди се кршење на договорите, ова е многу лоша вест за Северна Македонија. Сепак, јас сакам да ви кажам дека ние сме горди, не само за одлуката што ја донесовме тогаш, туку и затоа што по една година владеење оставивме зад себе десетици успешни проекти во здравството, оставивме зад себе успешни проекти на дигитализацијата, на енергетиката, на социјалните, културните и образовните прашања и дополнително, денеска сме тука да ви кажеме дека сето тоа се случи без никаква корупциска афера. Дури кога говориме за борбата против корупцијата. АлтернАтивА е првата и единствена партија која предложи уставен амандман за борба против корупцијата и тоа стана наш главен политички идентитет.

За сето ова работење на власта, сакам да му се заблагодарам на секој функционер посебно, кој остави белег на успехот во неговата услуга кон граѓаните без да прави етнички, политички, верски или полови разлики. И покрај тоа, бидејќи од друга страна имаме партија која не ги исполнува своите ветувања, која не знае што се европски вредности и, дури ни во етичка смисла, не се достојни за партнерство, ние денес одлучивме АлтернАтивА – заедно со тројца пратеници и сите наши структури – отсега ќе биде опозициска партија.

Сепак, ние остануваме посветени на европскиот пат, на нашите идеолошки определби, на нашата политичка програма и на доблестите во кои веруваме. Ќе продолжиме да се ангажираме за доброто на граѓаните, да ги задржиме младите во своите огништа, да создадеме подобар животен стандард и да се бориме против корупцијата.

Секако дека ние ќе ја поддржиме секоја агенда во интерес на граѓаните и ќе бидеме бескомпромисни во борбата против секоја појава која е штетна за граѓаните. Секогаш има АлтернАтивА!, се вели во партиското соопштение.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk