21 C
Skopje
Monday, May 17, 2021

Гаранција за преговори или студен туш од ЕУ?

Најчитани вести

По одлуката од Луксембург, ЕУ за датумот за земјава да одлучува во октомври, власта очекува преговорите да почнат во декември, а опозицијата ја нарекува студен туш за владата на Заев. За аналитичарите, пак, ваквата одлука е очекувана.

Заклучоците на Советот на министри на ЕУ еден ден по нивното носење предизвикаа сосема спротивни реакции од власта и од опозицијата. За СДСМ тие се јасно признание за достигнувањата и за постигнатиот успех во изминатата година. За ВМРО-ДПМНЕ наместо датум за почеток на преговори, советот на министри на ЕУ испорачал ладен туш, за како што велат, корумпираната влада на Зоран Заев која е неспособна да спроведе реформи.

“Повеќе земји членки, докажани пријатели на Македонија, биле против доделување на датум. Може да се разбере нивниот револт кон катастрофата наречена Заев, но не може да се оправда казнувањето на државата и народот заради неспособноста и корумпираноста на Заев и картелот околу него”, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев, пак, на заклучокот на советот да се врати на прашањето со јасна и суштинска одлука не подоцна од октомври гледа како на “апсолутна писмено правна гаранциjа” дека ќе има одлука тој месец.

“До крајот на годината, односно во декември нашите очекувања се дека ќе се отворат поглавјата и самите преговори ќе почнат помеѓу Европската унија и Владата на Република Северна Македонија ”, рече Заев.

Тој не зборуваше за тоа кои земји биле “за”, а кои против давањето датум за преговори, наведувајќи дека се работи за консензуална одлука на земјите членки која претставувала ”сериозно позитивна порака”.

Некаде на средина со оценката се чини е министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече дека не можaт да бидат задоволни од одлуката без да се случи датумот во октомври.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ вели дека одлуката на Советот на ЕУ била очекувана оти и претходно од европските политичари биле испратени јасни пораки дека јуни е премногу кус рок за да се донесе одлуката и во парламентите на некои земји членки.

Таа смета дека нема гаранции дека одлуката ќе се донесе во октомври, но вели дека “тогаш би било многу тешко да нема одлука”.

“Сепак главната причина зошто немаме одлука се состојбите и начинот на одлучување во земјите членки, а не гледам дека главната причина е на нашата страна бидејќи основата врз која земјите членки треба да одлучат е извештајот на Европската комисија кој недвосмислено вели дека земјата ги исполнила условите што и беа поставени”, вели Кацарска.

Премиерот, пак, вели дека сега откако процесот со добивање на датум за преговори со ЕУ е загарантиран, треба да се продолжи со реформи и да нема избори. Заев најави дека во петок ќе го достави до парламентот предлогот за реконструкција на владата кој очекува да биде ставен на собранискиот дневен ред идната недела.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести